Македонската „приказна“ тажна и во Осака, место визија се промовира историја

Во Осака Македонија заминала со туристичка презентација место футуристичка, иако ЕКСПО не е саем за туризам, туку на него се преставуваат визии за иднината


На ЕКСПО Македонија поставила и табла за квиз: Дали Охридскиот регион е заштитен од УНЕСКО

 

Во рамки на работната посета на Јапонија министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски соопшти дека заедно со министерот зa култура Зоран Љутков и генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, оствариле средба со Шохеј Хара, заменик-претседател на Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA), надлежен за соработка со Европа. На средбата разговарале за продлабочување на билатералната соработка, особено во делот на развојната и техничка помош што Владата на Јапонија континуирано ја обезбедува преку финансирање на проекти и програми во различни области.

Јапонија е еден од најголемите билатерални донатори на нашата држава, со вкупна поддршка што досега надминува 430 милиони евра. 

Ваквите активности на многубројната македонска делегација во Осака, и тоа во време кога повеќе институции со месеци не зеле плата, работниците штрајкуваат, а од Брисел порачуваат дека сме „тажна приказна“, од поранешниот амбасадор во Букурешт, Андреј Жерновски беше проследено со коментар – „Село гори, Тимчо се чешла“.

„Четврти ден гримогласен молк од страна на македонското МНР по изјавата на комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, дека по Црна Гора, соседна Албанија е наредниот кандидат од Западен Балкан за членство во Европската Унија за време на тековниот мандат на Европската комисија.

Во изјавата, Кос потенцира дека на Балканот има три тажни приказни и дека ние сме една од нив. Со тоа, се потврди она за што веќе подолг период алармиравме, а на што власта и ВМРО-ДПМНЕ ни се потсмеваше- дека Македонија е сега во друштво со Косово и БиХ.

И таман кога се загриживме за причината зошто го (с)нема министерот, дојде охрабрувачката вест од владиниот портпарол дека тој е во Јапонија по повод (верувале или не) националниот ден на светската изложба ЕКСПО 2025. Ете до каде се прошири и какви се резултатите од ‘дипломатската офанзива’ на Мицкоски“, напиша на социјалните мрежи Жерновски.

Според негова оценка, од сериозна Влада, која е вистински посветена на евроинтеграцискиот процес, по ваквите крајно загрижувачки изјави од Брисел, во кои повеќе не си ни споменуваме во нивните планови за членство во ЕУ, се очекува да седне и да направи анализа на фактичката состојба.

„Од таквата анализа пак, треба да произлезе стратегија која ќе даде насоки како да го фатиме возот кој повторно ни бега пред очи. Наместо тоа, гледаме туристички прошетки на Муцунски и владината делегација во далечната Јапонија, далеку од Брисел и земјите членки на ЕУ. Слично како и при посетата на уште подалечната Австралија. Барем нека заштедат нешто таму, бидејќи пак ќе затребаат буџетски (народни) пари за во ‘Мош’, каде се води ‘жестока битка’ кое министерство ќе потроши повеќе“, напиша Жерновски.

Владата пред заминувањето во Осака не организираше брифинг на кој би го преставила концептот на Македонија со кој се преставува во Осака, кој ќе биде член на делегацијата, колку ќе чини преставувањето, дали е исклучиво на буџетска сметка бидејќи на фотографиите можат да се видат и сопруги на министри.   

 

Од она што може да се види од фотографиите и од страницата за ЕКСПО на владата, во Осака Македонија заминала со туристичка презентација место футуристичка, бидејќи ЕКСПО не е саем за туризам, туку на него се преставуваат визии за иднината и домашните постигнувања околу темата на изложбата, а таа е одржливост. Во недостиг на визија, нашата делегација отишла во Јапонија со проектот на Кензо Танге, што никогаш не беше целосно остварен во Македонија, бидејќи е срамота да оди со „Скопје 2014“, која е визија како не треба да изгледа иднината. Според она што се гледа од презентацијата, нашата делегација ќе се промовира и со одржливите извори на енергија, односно фотоволтаиците што ги распоредува на обработлива површина и ветерниците што ни ги прави Германија. Делегацијата пак што е таму веројатно ќе потроши буџет колку една фотоволтаичка фарма. 

На националниот ден на Македонија во Осака, Муцунски истакна дека македонскиот павилјон го симболизира богатството на нашата земја – држава со длабока историја и култура и  со исклучително археолошко и културно наследство, т.е. го презентираше минатото место иднината. Но, Љутков најави дека во иднина ќе има што да претставиме на вакви изложби:

„ЕКСПО е место каде што светот се среќава – преку иновации, култура и визија за иднината. Нашето присуство тука е увертира за сето она што ќе го претставиме во наредниот период. Македонија денеска настапува со срце отворено кон светот – горда на своето наследство и насочена кон иднината“, рече  Љутков.

„Од величествените врвови на Кораб до безвременската убавина на Стара чаршија во Скопје, нашата е земја полна со чудеса кои чекаат да бидат откриени“, е мотото на Македонија во Осака. (Н.В.)

А, еве како се преставуваа другите:

Чешка: Изграден од дрво и ограден со стаклена фасада  „Апропос архитектс“ го дизајнираа павилјонот на Чешката Република за да ги одржува луѓето во движење. Прекрасната структура, која изгледа како огромен лустер, има рампа што ги носи посетителите до воздушен, сончев атриум.

 

Швајцарија: Централната тема на швајцарскиот павилјон е природата – и нашата способност како луѓе да коегзистираме со неа. Дизајниран од „Мануел Херц Архитектен“, тој се одликува со сфери што излегуваат од цвеќиња и растенија. Следејќи ја оваа тема, целата структура ќе биде повторно употребена по настанот. Пластичната обвивка од сферите ќе се трансформира во мебел, а челичната конструкција исто така ќе се рециклира.

„Во лов на сонцето“

Австралија: Павилјонот е дрвенесто овошје наречено гумнат, произведено од еукалиптус дрвја. Фирмата соработуваше со домороден културен советник за да ги интегрира перспективите, искуствата и интересите на домородните Австралијанци во дизајнот.

Еве и други футуристички презентации: Кина, нордиските земји, Јапонија и „транспарентниот град“ на Словенија.

Циркуларна економија преставена од Кина

 

„Транспарентен град“

Португалија дизајнираше „океан“