Македонската претстава „Самоубиство во самоодбрана“ освои три награди во Србија


Три награди освои претставата „Самоубиство во самообрана“ работена според истоимениот драмски текст на Марјан Анѓеловски, на деветото издание на театарскиот фестивал „Лектириќи Екс Ју“ во организација на Народната библиотка „ Раде Драинац“ во Србија.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура на Република Србија и Градот Прокупље.

„Самоубиство во самообрана“ е во режија на Александар Јовановски и Марјан Анѓеловски. За својот настап во салата на „Академско позориште СКЦ“ во Ниш, според одлуката на жири комисијата, во состав на претседателот Даниел Јовановиќ и членовите Љиљана Милосављевиќ и Јелка Кузмановиќ – Цветковиќ, претставата освои трето место во конкуренцијата за најдобра претстава за млади.

Авторот Марјан Анѓеловски доби награда за најдобар оригинален драмски текст, а актерот Огнен Велевски доби награда за актерска бравура.

Сценографијата на претставата е дело на Ристе Мицевски. Улогите ги играат актери од ансамблот на Алтернативен Театар „Отпишани“ – Скопје, Петра Ивановска во улога на Александра, Марјан Анѓеловски во улога на Веселин, Јасмин Рамани во улога на Горјан и Огнен Велевски во улога на Ева.

Претставата е поддржана од Министерството за култура, како проект од национален интерес од областа на драмската дејност за 2021 година.