Македонската футсал репрезентација се соочува со проблеми поради повреди на Даниел и Петровиќ


Македонската футсал репрезентација утре ги започнува натпреварите од претквалификацискиот турнир за пласман на Светското првенство во 2020 година. Селекторот Иван Божовиќ се соочува со проблеми поради повреди на влијателните играчи Даниел Де Соуса и Драган Петровиќ, но вели дека нема да се откажеме од борба за втората позиција во групата.

– За натпреварите од турнирот дефинитивно нема да сметаме на Даниел Де Соуса и Драган Петровиќ поради повреди, а тоа е сериозен удар за шансите силно да се спротивставиме на репрезентациите во групата, посебно на словенечката селекција и да се бориме за второто место. Украина е топ фаворит за првата позиција и би било сензација доколку не го потврдат тој статус. Во вакви околности, без повредените Даниел и Петровиќ и со недоволно залечените Исмаили и Рамадан, Словенија е фаворит, но тоа не значи дека ќе се предадеме однапред, изјави Божовиќ.

На првиот меч македонската селекција игра со Словенија во 17.30 во спортскиот центар „Јане Сандански“, а до крајот на турнирот ќе се соочи со Косово (петок, 17.30 часот) и со Украина (недела, 17.30 часот).