Македонската асоцијација за управување со цврст отпад ги собира светските експерти на конференција во Скопје

Потенцијалите на кружната економија, зелената енергија, отпадот како ресурс, климатски акции и цели за декарбонизација, паметни и дигитални технологии во управувањето со отпад, се дел од темите на меѓународната конференција „Патување кон одржливо управување со отпад“, во организација на Македонската асоцијација за управување со цврст отпад (MASWA) што ќе се одржи на 29 и 30 мај во Скопје.
На конференцијата ќе се обрати заменик претседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, холандската амбасадорка во земјата Озлем Чанел, шефот за соработка во делегацијата на Европската унија Стефан Худолин, претседателот на MASWA Михаил Матевски и претседателот на Меѓународната асоцијација за цврст отпад ISWA, Џејмс Лоу.
Покрај најновите трендови во сегментот на управувањето со отпад како основа на кружната економија, дел од панелите на конференцијата ќе бидат посветени на меѓу општинско управување со отпадот, ЕСГ стандардите во практиките за отпад, стандард и имплементација на нула отпад на депонија, буџетирање и финансирање на системи за одржливо управување со отпад, ZWTL (Zero Waste to Landfill) стандарди и имплементација на нула отпад до депонија и можности за проширување на одговорноста на производителот.
На конференцијата ќе присуствуваат домашни и меѓународни експерти, претставници на бизнис заедницата, институции, невладини сектор и академската заедницата. Една од целите на конференцијата е и зајакнување на соработката помеѓу приватниот и јавниот сектор во насока на воспоставување на модел на одржливо управување со отпад и креирање на современи модели за паметни градови базирани на принципот на зелена енергија. На 29 ти мај активностите предвидени во рамките на конференцијата ќе се одржат во хотелот Холидеј ИН, а стручните предавања на 30 ти мај ќе се одржат на Технолошко – металуршкиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје.
Во насока на промоција на новите технологии, базирани на иновативни дигитални алатки и подигнување на свеста за поголема декарбонизација за прв пат на конференција ќе се имплементира систем на мерење на јагленородниот отпечаток.
Годинешната конференција ќе се одржи по шести пат, која MASWA ја организира на две години, односно е од биенален карактер. MASWA е единствена асоцијација во која членуваат над 40 компании, организации и индивидуални експерти кои работат во насока на развој на кружната економија и одржливото управување со отпад. Асоцијацијата е членка и на Меѓународната асоцијација за управување со отпад ISWA.
Повеќе информации за конференцијата и условите за учество на следниот ЛИНК.