Македонската армија набавува модерни оклопни возила и транспортери, а се ослободува од застарените од 1984 година


Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска на брифинг со уредници и новинари информираше за процесот на модернизација и опремување на Армијата со кој во континуитет се менува ликот на Армијата и се зголемува нејзината борбена готовност.

Зборувајќи за модернизацијата, за која рече дека е од најголем обем во изминатите децении, министерката порача дека станува збор за сеопфатни повеќегодишни проекти со кои стандардите на НАТО се воведуваат и во македонската Армија.

„Еден од приоритетните процеси на кои сме како министерка, како министерство и како Генералштаб на Армијата целосно посветени и горди е процесот на модернизација и опремување на Армијата. Една третина од одбранбениот Буџет кој годинава изнесува рекордни 275 милиони евра е наменет за модернизација. Тоа е несомнен гарант дека нема да има застој во модернизацијата и дека сето она што било планирано се реализира, модернизацијата за која детално бевте информирани и од началникот на Генералштабот и од директорот на Генералштабот, опфаќа неколку повеќегодишни проекти кои целосно го менуваат ликот на Армијата. Велиме дека Армијата е во НАТО, меѓутоа и НАТО со своите стандарди, најмодерна и најсофистицирана опрема влегува во Армијата“, рече Петровска.

Се набавуваат оклопни возила од типот на JLTV Oshkosh, дел се веќе пристигнати, дел ќе пристигнат во повеќе наврати. Набавуваме оклопни транспортери Stryker како и францускиот систем за противвоздушна одбрана за мали височини, MISTRAL 3. Потпишан е и договорот за набавка на артилериски системи од сојузничка Турција. Два транспортни хеликоптери на Армијата Ми-8 се во фаза на ремонтирање, во соработка со Чешка.

„Во предзавршна фаза сме на анализа на набавка на 8 повеќе наменски хеликоптери за што се пристигнати 5 понуди од различни земји. Нашата намера е со сите овие набавки да одиме согласно принципот на договор Влада со Влада, како гарант дека овие договори се ослободени од сомнеж по било кој основ, вклучително и сомнежот за корупција“, додаде Петровска.

„Зборувавме и за нашите донации за одбрана на Украина, вклучително и за последната одлука за донирање на 12 борбени хеликоптери за што владата донесе одлука пред два дена. Сите досегашни донации се донесени врз основа на стручното тело Генералштабот на Армијата и се разбира се во согласност со нашите стратешки планови и долгорочниот план за развој на одбранбените способности“, вели министерката.

Во состав на армијата нема место за опрема која е произведена во 1984 година и која со години и години стои само како бројка, а всушност е со истечен ресурс. Борбената готовност не се намалува на никаков начин, напротив со сите овие процеси од кои ги гледаме и резултатите, таа станува посилна и поопремена во гарантирањето на безбедноста на секој граѓанин на Северна Македонија.

„Решивме да бидеме и ефикасни и прагматични, да ја донираме опремата која согласно трансформацијата и формацијата не ни е потребна и доколку не го сториме тоа за одреден период, ќе мораме да ја платиме за да ја уништиме, а ја дониравме онаму каде што е најпотребно, во одбрана на земја која е брутално нападната“, додава Петровска.

САД, за само една година одобрија и го поддржаа токму опремувањето и модернизацијата на македонската Армија со над 135 милиони долари, што ако споредиме е неколкукратно повеќе од вредноста на донираната опрема.

На прашањето дали со одлуките за воена помош на Украина се нарушува борбената готовност на Армијата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, истакна дека тој и Генералштабот стојат целосно зад одлуките кои беа предложени на Министерството и донесени од страна на Владата и дека со тие донации на никој начин не се нарушува борбената готовност на Армијата.

„Апсолутно со ништо никогаш не е нарушена борбената готовност на нашата Армија, впрочем се ослободивме од источно вооружување и опрема кое е старо, неперспективно и нефункционално, а од друга страна ја модернизираме Армијата, значително ја подобруваме борбената готовност и интероперабилност со нашите сојузници во НАТО“, рече генералот Ѓурчиновски.

На брифингот присуствуваа и учествуваа и заменикот-министер Тирон Јајага и директорот на Генералштабот, бригадниот генерал Симеон Трајковски.