Македонска поезија ќе биде претставена на фестивал во Аргентина


Здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“ информираше дека ќе организира онлајн претставување на македонската поезија во Буенос Аирес, Аргентина во соработка со меѓународниот фестивал „La Luna Con Gatillo“.

Домаќин на настанот ќе биде Леонардо Гастон Херман, модератор – Митко Гогов, а со своја поезија ќе се претстават Драгана Евтимова, Дарко Лешоски, Ива Дамјановски, Исток Улчар, Марина Шокева и Перо Сарџоски.

Македонија по втор пат е дел од оваа културна размена на искуства, а од „Контекст – Струмица“ велат дека во иднина се планирани и други настани преку кои Аргентина ќе се запознае со актуелната македонска книжевна и ликовна сцена.

Шестото издание на фестивалот „La Luna Con Gatillo“ е организирано од Меѓународната федерација на писатели и писатели за слобода (FIEL) и „Voices of the Wind“ од Аргентина. Покрај презентацијата на македонската поезија, во програмата е предвидено претставување и на европски автори, како и на поети од Колумбија и Мексико.