Македонска организација учествува во подготовка на прирачник за тренери за вработување лица со попреченост


Македонски стручни лица учествуваа во подготовка на прирачник со кој се подобруваат можностите за вработување за возрасни лица со интелектуална попреченост, информираа денеска од граѓанската организација „АктивУм“. Организацијата заедно со сродни организации од Шпанија, Грција, Турција и Полска во рамки на проектот „Едукативен метод што доведува до подобрување на вработливоста на возрасните лица со интелектуална попреченост“, учествуваше во изработка на прирачник за тренери, достапен на шест јазици кој ќе ја подобри едукацијата на возрасни лица со интелектуална попреченост за користење на различни мобилни апликации, информираа денеска од здружението.

– Овој прирачник вклучува фундаментални и корисни информации за тоа што е интелектуална попреченост ги опишува потребите на лицата со интелектуална попреченост и опфаќа методологија за едукација на возрасни со интелектуална попреченост за користење на различни мобилни апликации (Google апликации, YouTube, социјални мрежи). Вклучени се информации за мобилните технологии и мобилни телефони, а прирачникот завршува со  многу важно поглавје, кое вклучува 13 сценарија на случаи во кои избрани мобилни апликациии можат да се користат од возрасните со интелектуална попреченост кои бараат работа или сакаат истата да ја задржат, изјави Марија Тошева од „АктивУм“, македонскиот партнер во проектот.

„Донесете свој уред“ е метод којшто досега се користеше во бизнис секторот или на универзитетите. Партнерите на проектот сакаат да развијат метод кој ќе се употребува во едукација и терапија на возрасни лица со интелектуална попреченост, сметајќи дека вештините стекнати за време на предложениот курс во проектот ќе им помогнат на учесниците да полесно да влезат на отворениот пазар на трудот.

Проектот финансиран од Еразмус + програмата во рамките на KA2 акција Образование на возрасни – Стратешко партнерство, почна да се спроведува од октомври, минатата година.