„Македонска глаголица. Македонска кирилица“ – изложба на Лазе Трипков и Ласко Џуровски
Во галеријата во Младинскиот културен центар (МКЦ) вечер ќе биде отворена „Македонска глаголица. Македонска кирилица“ – изложба на авторите Лазе Трипков и Ласко Џуровски. Изложбата се осврнува кон најзначајните столбови на македонскиот јазик и култура – глаголицата и кирилицата.
Изложбата претставува празник, чествување на глаголицата и кирилицата. Првата – запретана во нашето далечно средновековие под бедемите на древниот Охрид, другата – жива, еластична, разиграна, готова да ги прегрне предизвиците на новото време. Авторскиот проект е на Лазе Трипков, и претставува модерна интерпретација на глаголицата.
Како што појанснуваат од тимот на МКЦ, преку визуелен и графички обликуван концепт, авторот има цел да ѝ ги приближи на публиката функцијата и значењето на глаголицата, како и моќта на гласот сочинет во знакот, како еден колективен ликовен систем на изразување и идентификација на Словените.
-Овој негов проект нуди една поинаква визија за глаголицата, при што ја задржува нејзината образовна функционална форма и нè потсетува на големината на едно од најзначајните културни богатства на Македонија. Глаголицата за нас е артефакт и културолошки споменик од средновековна Македонија, која преку овој проект му пркоси на забот на времето. Оваа азбука, стамено и гордо стои исправено пред сите предизвици што доаѓаат однадвор во македонското современо живеење, во кое, за жал, вистинските вредности често го губат своето суштинско значење, соопштија од МКЦ.
Како што потенцираат, проектот „Македонска кирилица“ од Ласко Џуровски, претставен овде преку симболичната синтагма ‘По стапките на Кирил и Методиј’ (правилно)/ ‘По сmаnкиmе на Кирил и Меmо∂иј’ (неправилно), – првоучителите кои, иако сесловенски и заеднички за сите Словени, со децении се присвојувани од страна на нашиот источен сосед – треба да ни укаже на проблемите и грешките што се појавуваат кај поголем број нестандардни фонтови при испишување на определени букви од македонската кирилица во италик. Овој избор на букви треба да ни посочи барем дел од проблемите и стапиците во кои паѓа македонската кирилица во услови на опкруженост од кирилските азбуки на другите словенски национални јазици.
Авторот на овој дел од изложбата, Ласко Џуровски го има решението, но не и моќта за нејзино институционално решавање. Оттука и неговата, но и наша потреба, за свртување на вниманието на јавноста и на соодветните национални институции кон решавањето на овој проблем со кој се соочуваме сите Македонци и корисници на македонската кирилица во модернава дигитална ера.