Македонска филхармонија ќе издава носачи на звук


Од првиот концерт во новиот објект во октомври 2017 година, Филхармонијата редовно прави звучни снимки од сите концертни настани. Со новата зграда и опремата што ја има од пред една и пол година, проработи и аудиопродукција за која порано беше задолжена Македонската радио-телевизија.

Од наредната година Филхармонијата планира да издава и цедиња од неколку концерти во сезона. Амбициите понатаму се да прави и видеоснимки од концертите односно целосна продукција бидејќи продуцираниот звук сега ѝ го дава на МРТ која го лепи на нивно видео.

Во студиото со многу вредна техника за тонско снимање и за озвучување на концертите, целиот систем е дигитален и мрежно врзан. Располага со сериозни брендови и стандарди за снимање – микрофони Neumann и AKG, озвучување JBL Vertec дигитална опрема од англискиот DIGICo, снимач со конвертори на Prism Sound, студиски монитори Genelec.

А за контролата на звукот на концертите се грижат само тројца луѓе – тон-мајсторите Ален Хаџи Стефанов и Ангел Ќосев, заедно со раководителот на одделот за продукција Џијан Емин. Со нетрпение и подготвено, велат, ја чекаат одлуката Филхармонијата да почне да издава носачи на звук.

– Сите концерти што се случуваат во нашата зграда и што се во наша организација ги снимаме мултиканално. Спремни сме од секој концерт да изработиме сериозна снимка која, доколку одлучи раководството, може да биде ставена на носач на звук. Веќе разговараме за неколку термини наредната година кои ќе бидат само за снимање цеде односно носач на звук. Така што, се „остриме“ идната година да избереме неколку такви термини – програми што сметаме дека ќе бидат поатрактивни, со добри диригенти и добри солисти. Потребна е добра подготовка за снимање одреден концерт, што потоа ќе се миксува за да биде на високопродукциско и уметничко ниво – изјави Џијан Емин, кој е и диригент во Филхармонијата. (МИА)