Македонска делегација беше во посета на шведскиот текстилен град Борас


Македонска делегација на покана на Интернационалниот центар „Олоф Палме“  беше во посета на градот Борос, Шведска, соопштија од Здружението „Гласен текстилец“-Штип.

Претставници од здружението „Гласен текстилец” – Штип, КУЦ Текстил, Општина Штип, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за економија, Центар за стручно образование и обука, Средното текстилно училиште „Димитар Мирасчиев“ од Штип, советници од кабинетите на вицепремиерот за економски прашања, од кабинетот на премиерот, Текстилниот кластер како и претставници од Интернационалниот центар „Олоф Палме“ за време на посетата остварија контакти со градоначалникот на градот Борос, текстилниот моден центар, текстилниот музеј, Универзитетот за текстил, научен центар, но и две компании чија дејност е поврзана со модната индустрија.

Кристина Ампева во писменото соопштение наведува дека градот Борос има долга историја како текстилен центар која датира од средината на 19 век како, тогаш, најразвиен регион во Шведска- благодарение на текстилната индустрија. Но, во 60-тите и 70-тите години на минатиот век се случува криза, од која е погодена текстилната индустрија. Многу компании се затвориле и надворешната миграција се зголемила, односно, третина од работниците заминале од градот.


-Но, градските власти, бизнис секторот, експертите и работниците одлучуваат на седнат на една маса и покрај сите разлики меѓу нив, сериозно се вклучуваат да ја надминат оваа криза и ја трансформираат оваа индустрија во нешто сосем ново кое ќе ги врати работните места и работниците назад во градот, допринесе кон растнна економијата и стандардот на граѓаните, но му го врати угледот на секторот текстил по кој градот е препознат и ден денес, вели Ампева.

Посочува дека образованието за текстил во Борас датира од 1866 година. Шведската школа за текстил станува дел од Универзитетот во Борас во 1982 година. Од 2014 година, Шведското училиште за текстил престојува во стара текстилна фабрика која е повторно изградена во научен парк, Текстилен моден центар во која бизнисот, експертите, младите студенти, локалните власти ден денес заедно функционираат и прават стратегии за развојот на текстилот за наредните децении. Стратегија која се базира на оддржливост, иновативност, раст на економијата, намалување на текстилниот отпад и смарт производство.

Така сега Борос од традиционален производствен град е трансформиран во регион со комплексен и интензивен бизнис кој се фокусира на дизајн, логистика, напредни производи, развој на процесот, но се проширил и на уметноста и културата. Вклученоста на сите чинители, преку макотрпна работа да се изнајде решение и напредок, разбирајќи дека едните без другите не можат да ја надминат кризата во која се нашле, тргајќи ги личните интереси настрана, мислејќи на подобро утре за индустријата, градот и граѓаните, носи развој. Тоа беше пораката која делегацијата од Македонија ја доби преку оваа неколкудневна студиска посета, додава Ампева.

Забележува дека сега на присутните на оваа посета останува да го следат примерот на Борос.

-Сите инволвирани и присутни дадоа заложби дека процесот ќе продолжи во Македонија бидејќи и го должиме тоа на текстилната индустрија која историски е присутна и традиционална индустриска гранка во Штип, но и важна за државава. Преку социјален дијалог, вклученост на сите чинители, искрена и макотрпна работа, можеме повторно да го вратиме угледот на текстилната индустрија, но, преку трансформација која ќе ги следи модерните текови, а со тоа и подобар стандард за работниците. Примерот што го видовме во Борос е формулата која ни треба и нам, која функционира, која може да се имплементира и даде резултати, рече Ампева.