Македонија2025 воспоставува Признание за придонес на припадниците на дијаспората


Кабинетот на Претседател на Република Северна Македонија и Македонија 2025, денеска потпишаа Меморандум за соработка со цел јавно вреднување на сите поединци со потекло од нашата земја, кои имале несебичен и континуиран придонес за татковината во различните сфери на живеење.

Врз основа на Меморандумот се воспоставува покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија на Признанието за придонес на припадниците на дијаспората, Македонија 2025.

Целта на признанието кое го востановува Македонија 2025, е да го вреднува придонесот на припадниците на дијаспората кои индивидуално, или преку нивни организации дале значаен, или исклучителен придонес кон економскиот, општествениот развој, образованието, научно-истражувачката работа, уметноста, или пак придонеле за подобрување на определени состојби преку разни форми на донации, волонтерска работа и инвестиции во татковината.

Согласно Меморандумот за соработка, ќе бидат изготвени критериуми и процедури за начинот и постапката на пријавување, и ќе биде формирана Комисија која ќе ја спроведе постапката за избор на добитник, односно добитници на признанието преку вреднување на придонесот на пријавените припадници на дијаспората.

Меморандумот за соработка го потпишаа генералниот секретар на Кабинетот на претседателот, Миле Бошњаковски и Никица Мојсоска Блажевски, главен извршен директор на Македонија 2025, се вели во соопштенито од Кабинетот на претседателот. 

Од Македонија2025 посочуваат дека Признанието за придонес на припадниците на дијаспората се воспоставува со цел да им оддаде почит и јавно признание на припадниците на дијаспората кои индивидуално или преку нивни организации и групи во текот на изминатите години дале значаен придонес кон економскиот и/или општествениот развој на земјата, или промоција на земјата на меѓународен план, преку различни форми како донации, инвестиции, волонтерска работа и слично. Признанието ги вреднува напорите на припадниците на дијаспората кои доброволно и без лична корист враќаат кон татковината од која потекнуваат тие лично и/или претходните генерации од нивното семејство. Истовремено, преку ова признание им се дава можност на граѓаните, јавните институции, граѓанските организации и крајните корисници на добрите дела, донациите и слично, јавно да ја искажат својата благодарност кон алтруистите од дијаспората.

Оваа иницијатива на Македонија2025 е наменета за поединци, припадници од дијаспората, кои без оглед кога и каде се родени се нераскинлив дел од националното ткиво на македонскиот народ. Ова Признание е симболична потврда за нивниот несебичен и континуиран ангажман и придонес во различни сфери кон родната земја. Признанијата ќе се доделуваат за исклучителен придонес и постигнати резултати во доменот на општествениот и/или економскиот развој, образованието, научно-истражувачките работи, уметноста, како и за особени заслуги од областа на социјалната и хуманитарната помош, или пак придонеле за подобрување на определени состојби во родната земја.

Македонија2025, на пригодна церемонија на 25 април 2023 година, заеднички со Претседателот Пендаровски ќе ги објави имињата на добитниците и ќе ги додели Признанијата за оваа година.