Македонија упропасти водство од 2:0 и му подари бод на Исланд


Селекторот Милевски по мечот изјави дека „не памети кога Македонија играла ваков вудбал“ и дека тоа бил „перфектен напревар“ со исклучок на последните 15 минути, што изгледа како претерана самофалба

 

Вечерашниов квалификациски натпревар за Светското првенство меѓу Исланд и Македонија заврши како според образецот од многу мечеви на нашата фудбалска репрезентација. Во 54. минута со голот на Алиоски водеше со 2:0 во Рејкјавик, целосно ја контролираше играта, Исланд немаше ама баш ништо и потоа на противникот му подари бод. 

Прво голманот Столе Димитриевски во 78. минута лошо интервенираше при слободен удар од 30 метри и ја одби топката директно до Бјарнарсон кој лесно постигна гол, а шест минути подоцна Гудјонсен го израмни резултатот. Во судиското продолжение ударот на Чурлиновски со глава Исланѓаните го исфрлија од гол линијата. И потоа дојде крајот, што изгледаше сосем неочекуван на 12 минути пред завршувањето на мечот. Македонија поведе со голот на Велковски во 12. минута.

Со овој нерешен резултат (и со ремито во Скопје против Ерменуија) шансите да се оди на мундијалот во Катар следната година се минимални, ако не и невозможни. 

Слекторот Благоја Милевски нема пораз во првите два меча на тренерското столче, но неговиот старт е неуспешен, затоа што квалификациите изгледаат како да се веќе завршени по сензационалната пролетна победа против Германија. Во последните десетина минути тој беше очигледно прилично нервозен и доби жолт картон. Тоа беше негов втор картон по оној на мечот со Ерменија и на натпреварот идната недела со Романија во Скопје тој нема да ја води репрезентацијата, што е прилично невообичаено – селектор веќе на неговиот трет меч да мора да оди на трибините.

Македонија имаше шанси (ударот во дирекот на Трајковски при резултат 2:1), но необјасниво беше зошто во последните 20 минути им ја препушти целата игра на Исланѓаните, кога дотогаш контролираше сѐ на теренот. Можеби играчите помислија дека работата е веќе завршена со водството 2:0 и тоа им се одмазди, па со тоа сами си ги упропастија своите шанси за Катар. 

Селекторот Милевски по натпреварот изјави дека „Македонија беше подобар противник… Овој резултат е неправеден… Головите кои ги примивме беа по наша вина“. Тој имаше големи честитки за играта – „Не паметам кога Македонија играла ваков фудбал“ – што е дури и преку границата на самопофалбите. Иако тврдеше дека грешките на фудбалерите биле пресудни за испуштањето на водството, што никако не одговара на неговите квалификации за „перфектен натпревар“.

Едноставно, ова изгледаше како уште една лекција која македонските фудбалери ја повторуваат по кој знае колку пати и никако да ја научат. (Н.В.)