Македонија тропна на вратата на ММФ, дали ќе добие 900 милиони евра?

Премиерот задолжувањето од 900 милиони евра од ММФ го оправдува со војната во Украина, што не било предвидено во Буџетот за 2022


 

За само една година, условите на меѓународниот пазар на капитал драстично се променија за нашата земја, па наместо нова еврообврзница, за покривање на буџетските потреби државата овој пат тропна на вратата на Меѓународниот монетарен фонд. Колкав ќе биде износот на новото задолжување ќе се знае деновиве откако од ММФ ќе ја скенираат буџетската крвна слика во земјава, но некои од медиумите веќе објавија дека задолжувањето ќе достигне 900 милиони евра, што е за 50 отсто повеќе од првично најавените 600 милиони евра.

Премиерот Димитар Ковачевски задолжувањето од 900 милиони евра од ММФ го оправдува со избивањето на војната во Украина, што не било предвидено во Буџетот за 2022.

„Буџетот за 2022 беше донесен во 2021 и во него е предвидено согласно законот, 545 милиони евра дефицит и 55 милиони евра депозити. Треба да се најдат 600 милиони евра. Не беше предвидена војната во Украина, која ја зголеми цената на енергенсите. Цената на електричната енергија е пет-шест пати зголемена во однос на нормалните цени, како и цената на гасот која сега е искачена на ниво од 2.000 долари. Тоа значеше дека мора да се донесе пакет антикризни мерки од 400 милиони евра“, рече Ковачевски одговарајќи на прашања на новинарите по средбата со ЗЕЛС.

Теренот за новиот кредит од ММФ е веќе подготвен – на 20 овој месец од оваа институција соопштија дека Извршниот одбор на ММФ добило барање за користење на Линијата за претпазливост и ликвидност (Precautionary and Liquidity Line – PLL), а за оваа тема стана збор и на високо ниво во Вашингтон, каде што пред два дена во рамки на Пролетните средби на ММФ и на Светската банка, средба со директорката на ММФ, Кристалина Георгиева имаше министерот за финансии Фатмир Бесими.

Од ММФ претходно соопштија дека  нивниот Извршен одбор за барањето расправал уште на 15 април за двегодишна Линија на претпазливост и ликвидност (ПЛЛ). Оваа кредитна линија, како што појаснија од таму, е достапна за земјите-членки со здрави економски основи, политички рамки и политики, а може да помогне во заштитата на економиите од надворешни шокови преку обезбедување на однапред пристап до ресурсите на ММФ.

Притоа, како што се додава, пред конечната одлука, тим на ММФ ќе ја посети Северна Македонија за да се консултира со властите за нивното барање.

 

„Во светлината на здравите економски основи и рамки на политиките на Северна Македонија, како и нејзиното досие за здрави политики и во очекување на договор на ниво на персонал со властите за политиките, директорката на ММФ Кристалина Георгиева има намера да му препорача на Извршниот одбор на ММФ одобрување на аранжманот PLL. Извршниот одбор на ММФ се очекува да се состане во следните месеци и официјално да го разгледа барањето. ММФ е подготвен да продолжи да ја поддржува Северна Македонија во овие исклучителни времиња“, појаснија од ММФ.

Колку се променети условите на меѓународниот пазар на капитал зборува и податокот дека Македонија на 3 март минатата година ја издаде осмата по ред еврообврзница во вредност од 700 милиони евра со рочност од 7 години и со историски најниска каматна стапка од 1,625 отсто со која се рефинансираше третата еврообврзница од 2014 година во вредност од 500 милиони евра, а обезбеди и дополнително задолжување од 200 милиони евра за справување со ковид-кризата.

Годинава издавањето на нова еврообврзница, која што беше најавена, ќе ја чинеше државата значително поскапо, проценија од Министерството за финансии. Министерот Бесими неодамна на конференција организирана од економскиот институт Фајнанс тинк, рече дека каматата за еврообврзница  во моментов е висока и таа за нашата земја се проценува дека би изнесувала од 4,5 до 5,5 отсто.

Затоа за финансирање на Буџетот се бара поддршка од ММФ, каде што каматата за новиот заем би била околу 1 отсто, појасни Бесими.

Во зависност од одлуката на ММФ, ќе зависат и други финансиски аранжмани кои што се очекува да ги постигне нашата земја, како со Европската комисија за инструментот Макрофинансиска поддршка кој е наменет за земји кои не се членки на ЕУ, но се кандидати или потенцијални кандидати и се дополнува доколку претходно се добие сигнал од ММФ.

Очигледно, енергетската криза, но и кризата која што настана со руската инвазија врз Украина во светот, а чии последици се чувствуваат посредно и во нашата земја, драстично ги влошија економските перспективи и очекувањата за економски раст. Прво Светска банка, а потоа и ММФ ги ревидираа прогнозите за раст на македонскиот БДП годинава.

Така, во пролетните прогнози Светска банка предвиде забавување на растот на македонската економија за годинава на 2,7 проценти, како последица од руско-украинскиот конфликт и санкциите воведени кон Русија. Според проекциите на Светска банка, фискалниот дефицит ќе остане зголемен со проектиран раст на јавниот долг над 62 проценти од БДП.

Дополнително, доколку продолжи војната во Украина, се прогнозира намалување на надворешната побарувачка, зголемување на цените на производите и енергијата и доцнење на инвестициите. Ова сценарио би резултирало со уште понизок раст и пораст на барањата за фискална поддршка.

Со ревидирана прогноза излезе и ММФ, од каде што во најновиот Светски економски преглед се вели дека македонската економија годинава ќе оствари раст од 3,2 отсто, што е надолна корекција во однос на јануарските прогнози за 0,8 процентни поени. За идната година ММФ предвидува уште помал раст на македонскиот БДП, само 2,7 отсто, наспроти 3,8 проценти во извештајот на Мисијата на ММФ за Македонија од февруари годинава.

Од Министерството за финансии најавија дека во тек е и изготвување на ребалансот на буџетот, при што акцент е ставен на кратење на трошоците. Според очекувањата, проекциите во Ребалансот на буџетот ќе се темелат на економски раст од 3,2 отсто, а не на 4,2 отсто како што се очекуваше во почетокот на годинава, а ќе се зголеми и буџетскиот дефицит – од планираните 4,3 отсто на над 6 отсто, а нови проекции се и за јавниот долг, наместо 60 отсто тој ќе достигне 63,5 отсто.

Од опозицијата реагираа на најавата за ново задолжување при што како што посочи Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, власта ја турна државата во економски колапс.

„Ова задолжување кое го најавува власта не е за развој, не е за изградба, не е за нови капитални инвестиции, туку за покривање на дупки и обезбедување на ликвидност. Тоа е поразително“, рече Митева.

„Досегашната состојба со долгот и така беше катастрофална, а сега уште повеќе ќе се влошува. Ако долгот до сега беше над 60 отсто од БДП, сега со новите задолжувања ќе се зголеми на над 63 отсто. Годинава ја почнавме со надминување на психолошката граница од над 7 милијарди долг, а веројатно до крајот на годинава ќе се доближиме до нова психолошка граница од над 8 милијарди евра долг“, рече Митева додавајќи дека власта на СДСМ и ДУИ за 5 години ја задолжиле Македонија речиси колку сите влади заедно.