Македонија треба да предводи регионална иницијатива која ќе испрати јасна порака до ЕУ

Оваа регионална иницијатива треба да побара од ЕУ јасно да се дефинира рок до кој сите земји од регионот ќе станат членки на ЕУ


 

„Македонија е на историски крстопат на кој не смее да го погреши правецот. Во таа смисла одговорноста на политичките лидери е, исто така, од историски карактер. Постои излез од лавиринтот во кои се најдовме поради сопствените слабости, но и поради непринципелноста на ЕУ. Потребна е љубов кон Македонија која ќе нѐ извади од Собата за тага во која ризикуваме да се удавиме во сопствените солзи“, пишува новинарот Борјан Јовановски во текст за „Новатв“.

Тој пишува дека „Македонија како најголем паталец во регионот треба сега да застане на чело на една широка регионална иницијатива која ќе ги опфати државните институции и граѓанските организации од целиот регион со цел да испрати јасна порака до ЕУ и сите меѓународни фактори дека е крајно време да се престане со сите игри околу проширувањето. Да побара од ЕУ јасно да се дефинира рок до кој сите земји од регионот ќе станат членки на ЕУ. Да побара ЕУ да ги отвори фондовите наменети за земјите-членки да се користат од земјите во регионот во преговарачкиот процес со цел да се надмине сѐ поголемиот социоекономнски јаз меѓу Балканот и ЕУ кој предизвикува масовен одлив на човечки потенцијали и се разбира, да ѝ стави јасно на знаење на ЕУ дека непринципиелните блокади како она од Бугарија да бидат исклучени како опција во текот на преговорите“.

Јовановски потсетува дека „за целиов хаос околу европските интеграции што ни се случува дома виновна е ЕУ. Нејзината конфузија, бирократска инертност, отсуство на лидерство и визија и нивните внатрешни поделби. Одлуката на Макрон да го блокира стартот на преговорите во 2019 со фамозната инвенција за новата методологија имаше фатални последици врз кредибилитетот и исклучителната кохезиска снага во македонското општество која ја генерираа европските интеграциски процеси. Едноставно бевме излажани. На тоа се надоврза дрското бугарско однесување што конечно го создаде ова што денеска го живееме. Стравот од нови блокади е реален исто како и горчливиот вкус на ранетото национално достоинство но…

Дали е тоа оправдување да се повлечеме во ќош и да плачеме и жалиме врз нашата судбина ? Јас мислам не. Напротив ова е момент кој налага серозна мобилизација во општеството на сите структури за да го вратиме во живот кредибилитетот на визијата за Обединета Европа и интеграција на целиот регион во европските структури, бидејќи тоа е сепак единствениот спас од се повидливите знаци на реанимација на балканските атавизми кои Балканот може да го вратат во морбидните 90 години од минатиот век“.

Според него, актуелните растечки поделби во општеството на проевропејци и антиевропејци, патриоти и предавници, не водат никаде осем во изолација и понатамошна ескалција на полризацијата која е најкусиот пат кон самоуништувањето.