Македонија стави два противпожарни авиони на располагање на Европската Унија
Македонија стави два противпожарни авиона на располагање на Европската Унија за справување со шумските пожари, со што земјата активно се вклучува во заедничкиот европски систем за цивилна заштита.
Двата македонски авиона се дел од заедничката воздушна флота која во текот на летната сезона ќе биде ставена во функција според потребите на европските држави. Леталата ќе можат да бидат ангажирани во земји каде што пожарите ќе ги надминат националните капацитети за справување со огнените стихии.
За летото 2026 година, Европската Унија има подготвено рекорден капацитет за брзи интервенции поради очекувањата за подолги и поинтензивни сезони на шумски пожари.
Заедничката европска воздушна флота брои 22 авиона и пет хеликоптери, распоредени во 12 земји, додека дополнителна поддршка ќе обезбедуваат 777 пожарникари од 14 европски држави. Особено внимание е насочено кон шест земји кои се проценети како високоризични подрачја – Грција, Италија, Франција, Шпанија, Португалија и Кипар.
Со учеството во овој механизам, Македонија од примател станува и давател на меѓународна помош. Изминатите години, а особено за време на големите пожари во 2024 година, земјата користи помош од странски држави чии авиони и хеликоптери гаснеа пожари на македонска територија.
Сега македонските противпожарни капацитети се ставени на располагање на европските партнери во духот на взаемната солидарност. Доколку некоја европска држава побара помош, Европската комисија ја координира операцијата и покрива значителен дел од трошоците.