Македонија станува заложник на туѓи агенди, вели Филипче

Претседателот на СДСМ го повика ВМРО-ДПМНЕ заедно да се борат да не помине амандманот за современ македонски јазик


 

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, изјави денеска денеска дека во извештајот на Европскиот парламент „јасно стои дека Северна Македонија е тешко погодена од странско мешање и дезинформациски кампањи, вклучувајќи хибридни закани, стратешка корупција, сомнителни финансиски текови и принудни инвестициски практики – особено со потекло од Русија и Кина“.

Оценувајќи го извештајот на ЕУ кој го доби Македонија на прес-конференција Филипче рече дека надворешната политика на ВМРО-ДПМНЕ ја изолирало земјава и ја застранило од усогласувањето со надворешна политика на ЕУ.

„Владата ја изолираше Македонија која единствена се воздржа од гласање за европската резолуција за Украина. Тоа е дипломатски срам и политичка пониженост кој го нотираат сите стратешки партнери, а сега и извештајот. Јасно укажавме дека за прв пат Македонија гласа надвор од контекстот на заедничка безбедносна и надворешна политика со ЕУ. Понатаму, се говори дека Европската унија е алармирана за улогите на Унгарија и Србија во унапредување и ширење на геополитичките цели на Русија и Кина на Балканот. Во тој контекст, во извештајот се забележува ризик од зависност од Кина преку асиметрични заеми, како што е последниот заем од Унгарија – за кој се чини дека набавен од Кина“, рече Филипче.

Во одговор на новинарско прашање тој рече дека посетата во Берлин на конгресот на германската СПД ја искористил како можност да лобира и да разговара со присутните европратеници за да остане неутралната дефиниција за македонскиот јазик – а не, како што е наведено во амандманот на извештајот на Европскиот парламент за Македонија, каде се предлага зборот „современ“ да се додаде како квалификација за македонскиот јазик.

Тој потенцираше дека со неактивноста на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, се влошува преговарачката позиција на Македонија во однос на ЕУ.

„Јас лично лобирав и во име на партијата, меѓутоа и во име на државата. Жал ми е што не гледам дека тоа го прави Владата, ниту пак ВМРО-ДПМНЕ го прави – да остане неутралната дефиниција за македонскиот јазик. Сметам дека со оваа неактивност и со сè што Владата прави, практично нашата преговарачка ситуација и позиција во рамки на ЕУ се влошуваат. И еве сега, овие работи што се наведени во извештајот, практично укажуваат и го отвораат прашањето, зошто е тоа така, и зошто Владата навистина не сака видливо да лобира тоа да не се случи“, рече Филипче.

Притоа, тој ја посочи дека констатацијата на европратениците кои биле присутни во Берлин е дека ваквите додавки во однос на македонскиот јазик се резултат на провокациите од страна на владата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Сите констатираат една работа – дека таквите додавки на македонскиот јазик доаѓаат како резултат на провокациите што доаѓаат од нашата Влада. Тоа е сериозно влошување на нашата положба во ЕУ“, изјави Филипче.

Во одговорот на прашањето, Филипче ги повика ВМРО-ДПМНЕ да лобираат заеднички за амандманот да не помине.

„Сакам да упатам уште една директна порака, апелирам до ВМРО-ДПМНЕ заеднички да лобираме тоа да не се случи, да нема таков амандман во ЕП, туку да помине неутралната дефиниција македонски јазик, без никакви додавки. Затоа што тоа е и заслуга на политиките на нашата влада изминативе седум години – јасен, чист македонски јазик, потпишан на македонски јазик со сите земји членки на ЕУ. Не гледам ниту една причина, освен тие провокации, зошто сега таа позиција би била загрозена“, истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Според претседателот на СДСМ, ВМРО- ДПМНЕ знаејќи ги сериозните критики од Европската унија, ги реактуелизираше националистичките теми со цел да ги поклопи овие критики од Европската Унија. 

„На ВМРО ДПМНЕ му одговара 24/7 меѓу народот и во медиумите да се полемизира за македонскиот идентитет и јазик и да се игра пинг-понг со бугарските власти – нешто што можеби им одговара и на двете страни за зацврстување на своите позиции на домашен терен“, оцени Филипче.