Македонија стана жешка тема во изборната кампања во Бугарија


Слави Трифонов ја нарече Корнелија Нинова како „небитна“ по разговорите што таа ги имаше со Заев

По денешната посета на Зоран Заев на Софија повеќе политички лидери кажуваат кој е поголем Бугарин и дека Бугарија нема да ја крене блокадата

 

Денешната посета на Зоран Заев на Софија внесе немир во кампањата на партиите за изборите на 11 јули и повеќемина од нив побрзаа да објават кој е поголем Бугарин во заштитата на националните интереси и што треба да направи Македонија за да биде крената бугарската блокада.

Откако денеска лидерката на Бугарската социјалистичка партија (БСП) Корнелија Нинова, според соопштението на партијата, му рекла на Заев дека „нашата позиција останува непроменета. Во моментов нема услови Бугарија да даде согласност за почнување на преговорите за членство на Република Северна Македонија во ЕУ… Бугарија и бугарскиот национален интерес ги ставаме над сè“, водачот на партијата Има таков народ, Слави Трифонов, ја нарече „небитна“ политичка личност.

Трифонов на предизборен собир со студенти во Пловдив изјави дека „сѐ додека Бугаринот не е спокоен во однос на неговата историја, што претставува и Република Северна Македонија, нашето мислење ќе биде исто како и на сите Бугари“. Квалификацијата на Трифонов за „небитен“ се однесуваше и на Бојко Борисов, но Нинова реагираше жестоко. Во соопштението објавено на страницата на БСП таа вели:

„Денес Слави Трифонов по повод нашата средба со Зоран Заев рече дека јас сум ‘небитна’. Како Бугарка сакам да го прашам каков е неговиот став по прашањето за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ.

Бидејќи имаш претензии да победиш на изборите и да управуваш со Бугарија, може ли да кажеш што ќе правиш барем за едно прашање. Или ќе правиш врева за да не го налутиш ниту бугарскиот народ ниту некоја надворешна сила.

Мојот став е јасен и денешната средба беше повод уште еднаш да се каже во очите на Заев отворено и искрено: вашето членство во ЕУ не може да биде на штета на бугарскиот национален интерес. Вие не го исполнувате Договорот за добрсоседство, употребувате говор на омраза против нас, ја препишувате историјата, па затоа не се согласуваме да започнете преговори за членство. Ајде, Слави, да видам како ги кажуваш овие зборови.

Обидете се. Не боли. Треба само да имаш… карактер“.

Таа уште дополнува дека Бојко Борисов денеска на средбата со Заев ги „продал и родот и татковината“.

Во сличен тон и првенците на Демократска Бугарија (една од протестните партии) реагираа на зборовите на Бојко Борисов дека привремената влада ги има сите механизми за промена на позицијата на Бугарија за европската интеграција на Северна Македонија, но нема да го стори тоа.

Поранешниот амбасадор на Бугарија во ОН и кандидат за пратеник на ДБ, Стефан Тафров, изјави дека коментарите на Борисов биле „лага и обид за искористување на односите меѓу двете земји за теснопартиски изборни цели“. Тафров потсети дека кога Борисов владееше со „патриотите“, тој протна низ парламентот позиција што поставува услови за Македонија да започне разговори и сега вели дека привремената влада и претседателот нема да ги пуштат во ЕУ. „Привремениот кабинет нема право да ја пушти Северна Македонија во ЕУ затоа што е обврзана со позицијата на парламентот“, рече Тафров.

Според него, ваквото однесување на Борисов било скандалозно, „предизвикува одвратност и треба да биде остро осудено од сите Бугари, затоа што му штети на сериозниот национален интерес“.

„Демократска Бугарија го поддржува влезот на Северна Македонија во ЕУ, но треба да ги исполни условите што ѝ ги поставивме“, рече Тафров. Тој уште додаде дека „од стратешки интерес на Бугарија е Република Северна Македонија да биде дел од ЕУ. Спротивното им служи на Русија и на Србија, но Македонија мора да го изоди својот дел од патот, да исполни одредени услови“. (Н.В.)