Македонија со победа над Турција го потврди пласманот на Европското првенство


Фото: РФМ

Ракометната репрезентација на Македонија ја победи Турција со 30:27. Со оваа победа го потврди пласманот на Европското првенство во 2024 година.

Денешниот натпревар во „СЦ Борис Трајковски“ беше и последен во репрезентативната кариера на Гоце Георгиевски. Во финишот за победа блескаа Марко Митев и Мартин Томовски.

Пред почетокот на денешниот натпревар, РФМ му додели дрес на Георгиевски како признание за придонесот во репрезентацијата во изминатите години.

Фото: РФМ

По изедначената игра во почетните минути Македонија брзо дојде до 7:4, а потоа водеше и со 10:7. Турција сепак успеа да се врати во наредните минути на 10:9. Изедначената игра продолжи до крајот на првите 30 минути кои завршија со 15:15.

Почетокот на второто полувреме донесе подобра игра на Турција која со серија од 3:0 поведе со 15:18. Водството гостите го имаа константно до 41-та минута, а ние за првпат во вториот дел поведовме во 55-тата минута со голот на Пешевски. Од тој гол до крајот предводени од одличните во тие минути Митев и Томовски, Maкедонија дојде до победата.

Томовски ја заврши средбата со 15 одбрани, Пешевски беше најефикасен со пет гола, исто толку постигна и Митев (сите во второто полувреме). Али Тинкир беше најефикасен кај Турција со пет гола.