Македонија промовираше оригинален рецепт за мир, рече Ковачевски во ОН
Со дијалог и компромис може да се решат и најтешките прашања, рече премиерот на панелот во ОН посветен на превентивната дипломатија
Со дијалог, разбирање, толеранција и компромис може да се решат и најтешките прашања, а со тоа да се отворат нови перспективи за пријателство и соработка. Во текот на овие 30 години членство во Обединетите нации, Македонија постепено ги решаваше прашањата со своите соседи користејќи цврста и постојана политика на добрососедство, истакна премиерот Димитар Ковачевски кој учествуваше на панел во седиштето на ОН во Њујорк по повод 30 години членство на Македонија.
На панелот зборуваа и Денко Малески, првиот македонски министер за надворешни работи, а потоа и амбасадор во ОН, сегашниот наш амбасадор Љубомир Фрчкоски, Метју Нимиц, американски дипломат и специјален пратеник на ОН во спорот за името, Џон Багот, полковник во пензија, командант на американскиот батаљон во УНПРЕДЕП и Мирослав Јенча, помошник-генерален секретар за политички работи на ОН. Панелот беше на темата Превентивна дипломатија, посредување и политика на пријателство на Северна Македонија од раните 1990-ти досега.

„Мислам дека можеме подобро и повеќе, но кога ќе погледнеме наназад три децении, можам да кажам дека постигнавме многу и го постигнавме тоа заедно. Тука имаме и генерали од војската на ОН кои беа со нас од прв ден, имаме амбасадори кои служеа во Скопје, во Белград, кои, исто така, го поддржаа нашиот пат кон модерна Република Северна Македонија, членка на НАТО и идна членка на ЕУ. Затоа, сакам да ви се заблагодарам на сите, во име на Владата, во мое лично име и во име на граѓаните за сè што направивте за земјата и за нејзините граѓани во минатото и што ќе го направите во иднина, рече Ковачевски.
Начелата на кои Северна Македонија ја спроведува својата надворешна политика, според Ковачевски, се израз на внатрешната политика на земјата за градење и одржување мултикултурна демократија и постојана инклузивност на различноста во демократските процеси, заштита и унапредувањето на човековите права и правата на различните етнички заедници и ранливите групи.

Во своето обраќање, Ковачевски посочи дека државата придонесува кон зацврстување на безбедноста, демократијата и човековите права на национално, регионално и глобално ниво.
Тој посочи дека првиот претседател Киро Глигоров мудро и вешто ја водел земјата низ сите предизвици и тешкотии, комбинирајќи ја волјата за независност на народот, јасно изразена на референдумот од 8 септември 1991 година, со трпение, мудрост и решителност да се избегнат сите замки од маѓепсаниот круг на конфронтации и конфликти.
Оддавајќи му заслуга на првиот претседател на државата, Ковачевски потенцираше дека му е чест што со нив е еден од неговите главни соработници првиот министер за надворешни работи Денко Малески.

„Сите станавме свесни дека мирното добивање на независност е само почеток на долг и нерамен пат за нашата земја, бидејќи ниту една друга во регионот, па би рекол и во Европа, не морала да донесе тешки одлуки, да направи тешки избори, а сите тие да бидат правилни за иднината на земјата. Уште повеќе: самиот факт дека за разлика од другите републики во поранешна Југославија, ние успеавме да дојдеме до нашата независност на мирен начин, што се сметаше за чудо! Со дистанца од 30 години, мислам дека може да зборуваме ако не за чудо, тогаш сигурно за еден вид оригинален македонски рецепт за мир“, нагласи Ковачевски.
Со приклучувањето кон ОН на 8 април 1993 година, истакна премиерот, беше поставен преседан во ОН, да имаш земја која се прифаќа под привремена референца која потоа се користеше во следните 27 години.