Македонија потпиша договор за стратешка соработка и со Унгарија

Договор за стратешка соработка меѓу двете влади и Меморандум за разбирање и имлементација на програмата „Стипендиум хунгарикум“ за периодот 2026 – 2028 година потпишаа денеска македонскиот министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и неговиот унгарски колега Петер Сијарто, кој престојува во посета на земјава.
Како што истакна Муцунски на денешната заедничка прес-конференција со Сијарто, потпишувањето на овие документи претставува силен доказ за цврстото сојузништво меѓу двете држави.
Муцунски информира дека на денешната средба разговарале за натамошното продлабочување на политичките и економските односи, како и за континуираната поддршка од страна на Унгарија за нашите европски аспирации.
„Унгарија останува еден од најгласните и најпосветените поддржувачи на европската перспектива на целиот регион. Тоа се докажа за време на нејзиното претседавање со Советот на ЕУ. Искрено сме благодарни за таа принципиелна и искрена поддршка, особено во контекст на нашите очекувања за напредок во процесот на пристапување кон ЕУ“, рече тој
Министерот нагласи дека во делот на надворешно-трговската дејност воспоставиле продуктивна соработка со унгарското министерство, од кое очекуваат конкретни резултати. Потсети дека Унгарија е меѓу првите десет најголеми трговски партнери на земјава и еден од водечките странски инвеститори.
Сијарто претходно утрово се сретна со вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.