Македонија поразена од Франција, но покажа дека може да се носи со најголемите


Ракометната репрезентација на Македонија беше поразена со 32-25 (18-14) од Франција на последниот меч од главната фаза на Светското првенство.

Со овој резултат Македонија ја заврши главната фаза на четвртото место и ќе се пласира од 13. до 16. позиција на шампионатот.

До 5-5 бевме рамноправни со „триколорите“ кои потоа направија серија од 3-0, го преземаа водство и потоа имаа контрола на играта и резултатот. До средината на првото полувреме поведоа со четири голови разлика (13-9), а на паузата заминаа со водство од 18-14.

Во второто полувреме Франција ја контролираше играта, демонстрирајќи ја својата супериорност на теренот. И покрај сите обиди, македонските ракометари не успеаја да ја намалат разликата на помалку од четири голови (22-26). На крајот, Французите заслужено славеа победа со конечен резултат од 25-32.

Филип Кузмановски со осум голови беше најпрецизен во македонскиот состав, додека Марко Митев реализира четири голови. Дика Мем со осум гола беше најпрецизен кај „триколорите“.

Марко Митев беше прогласен на играч на мечот.

Македонија го заврши Мундијалот со по две победи, нерешени средби и порази.

Лазаров е задоволен од покажаното

Селекторот Кирил Лазаров во микс-зоната ги искажа своите први впечатоци од поразот од Франција и од одиграниот турнир.

„Мислам дека треба да бидеме задоволни. Јас очекував тежок меч, затоа што се работи за Франција. Воопшто не нè потценија, можеби не играа во 100%, туку во 90%. Први импресии… еден квалитетен натпревар со висок ритам, повисок од оној со Франција. За нашите играчи ова е големо искуство, да се игра против ваква Франција. Со нив игравме и на Европското првенство во Германија. Сменивме многу работи од тој дуел. Воопшто не беше лесно да се прати тој ритам кога даваш гол, а одма враќаат. Ни треба и многу измени, а уште немаме таков концепт на играчи за да играме така. Ние имаме одлични работи и предности, меѓутоа и маани и дефекти, кои екипа како Франција ќе ги казни. Жал ми е за промашените три пенали во првиот дел, а мислам дека доаѓавме и до чисти позиции каде не дававме голови. Меѓутоа, ова е шести натпревари, шести да го имаш против Франција и треба да сме задоволни. Во еден момент гледавме табела, ги броевме бодовите, одземавме на Австрија, на Унгарија…

Ова е едно големо искуство за нас, еден добар турнир, треба да сме задоволни и да научиме доста лекции. Ова е едно големо искуство за младите играчи, носејќи се со вакви ѕвезди и ведети кои секоја година освојуваат по повеќе титули, а ние доаѓаме од една мала Македонија, од македонска Суперлига. Честитки до сите играчи, до стручниот штаб, од прв до последен. Мора да сме задоволни, со една мала горчина дека можевме повеќе. Но, знаете, треба да верувате во тие работи, а ние не верувавме. Благодарност до целата јавност за поддршката во текот на целиот шампионат“, рече Лазаров.

Јагуриновски: Мундијалот ќе ни остане во добро сеќавање, но – сакаме да бидеме уште подобри!

Јагуриновски посочи дека натпреварот против Франција бил тежок затоа што тоа е селекција која секогаш се бори за највисок пласман на првенствата.

„Овој меч денеска беше тежок за играње бидејќи Франција е репрезентација која на секое првенство се бори за медал. Сакам да им честитам на сите момци, се надевам дека на следни натпреварувања ќе ја радуваме Македонија со подобри резултати. Сите натпревари кои ги игравме со Австрија, Катар и други ќе останат во добро сеќавање, како една позитивна работа. Имаше мал период кога не бевме доволно добри за да ги задоволиме дел од гледачите, но се трудиме да бидеме подобри и подобри“, кажа Јагуриновски.