Македонија поддржува распоредување војници на НАТО, рече Пендаровски на самитот на алијансата


 

Македонија целосно ги поддржува напорите на НАТО за брз одговор и распоредување на војници за зајакнување на безбедноста на територијата на сојузниците на источното крило на Алијансата во одговорот на руската инвазија на Украина. Македонија дава придонес кон овие напори, во согласност со нејзините капацитети.

Ова им го соопштил претседателот Стево Пендаровски на учесниците на виртуелниот самит на НАТО денеска попладне посветен на војната во Украина. Што тоа вистински значи би требало да се знае наредните денови – дали Македонија ќе учествува во распоредувањето на војници на источните граници на НАТО или само со логистика од заднина.

Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, рекол дека ова е критичен момент за меѓународниот правен поредок, за мирот и за безбедноста на Европа, и дека е потребно Алијансата да го покаже своето единство и да настапи со здружени напори и дејствија.

Пендаровски ја повтори државната позиција дека Македонија го осудува рускиот напад врз Украина, оценувајќи дека истиот е неоправдан и неиспровоциран. Претседателот нагласил дека Русија мора да ги почитува меѓународните норми и да постапува во согласност со основите на меѓународна безбедносна архитектура, на која се обврзала.

Како одговор на руските воени дејствија во Украина, претседателот информираше дека  Македонија се приклучува кон пакетот рестриктивни мерки на Европската унија против Русија.

„Го поддржуваме народот на Украина и нејзините демократски избрани институции. Ова е прашање на нашата колективна безбедност и прашање на европскиот мир, со цел да се одржи меѓународниот поредок. Мора да бидеме обединети и да ги надминеме тешкотиите со кои се соочуваме, бидејќи иднината на нашата Алијанса и на сите наши граѓани е доведена во прашање“, рече Пендаровски.