Македонија по корупција во групата со Етиопија и Колумбија – не сакате таму да припаѓате


Во следните три години во осум општини од секој регион во државата Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ќе го реализира проектот „Заштита од корупцијата”. Претседателот на ЦГК, Герман Филков, истакна дека во овој проектот ќе бидат опфатени не само општините како институции, туку и институциите кои спаѓаат под нивни ингеренции. Целта на проектот според него е намалување на корупцијата и злоупотребата на јавните средства на ниво на локалната самоуправа преку зголемување на транспарентноста, отчетноста и интегритетот на општините.

– Корупцијата е подеднакво голема во сите општини на цела територија на земјата тоа го покажуваат истражувањата. Ние ќе ги вклучиме оние сектори кои што според истражувањата корупцијата е најголема. Тука се јавните набавки, инспекциските служби, издавањето на градежни дозволи, интегрираните еколошки дозволи, изнајмувањето и располагањето со имотот на единиците на локалната самоуправа, училипштата и тн, рече Филков.

Истовремено, како најави Филков, во тек на овој проект ќе биде следена и реализацијата на Националната – стратегија за борба против корупцијата на Државата комисија за спречување на корупција.

Амбасадорот на Кралството Холандија, Дирк Јан Коп, како застапник на донаторот на овој проект посочи дека Северна Македонија има сработено доволно за да се осигури дека сега има соодветно законодавство и институционална рамка за борба против корупцијата, како и подобрување на мерките за препознавање на корупција. Но, иако ова е прифатено сепак, за жал, тој истакна дека Северна Македонија е уште во група за земји кои што се сметаат за општества со висока корупција.

– Во група е со земји како Етиопија, Колумбија. Ова не е една од групите каде што сакате да припаѓате. Навистина е далеку од просекот на ЕУ. Ова е бидејќи дека покрај фактот што имаме веќе правна и законодавна рамка применливоста недостига бидејќи нема политичка волја. Пример кога ДКСК ќе откри корупција законодавството мора да го проследи и да ги осигури граѓаните дека нема корупција во јавните набавки, градежништвото и т.н. Судството и обвинителството мора да преземат одговорност и да воспоставаат отечност и транспарентност. Борбата против корупцијата се сечија одговорност и оди на сите во прилог, рече амбасадорот Јан Коп.

Со овој проект ќе бидат опфатени општините Битола, Кичево, Куманово, Неготино, Струмица, Тетово, Чаир и Штип.