Македонија падна на 12. место по бројот на смртноста од корона, но тоа не е никаква утеха
Предлогот на Комисијата за заразни болести да се воведе полициски час од 22 часот навечер до 5 часот наутро беше очекуван како една од мерките. Затоа што работите повторно излегуваат од контрола со наглото зголемување на бројот на заболени. Во последниов месец Македонија успеа на некој начин да ја стабилизира стапката на инфекција, дури и да падне под 10. место по бројот на смртни случаи на еден милион жители, но тоа не е утеха.
Сп 1.534 починати на милион жители Македонија сега се наоѓа на 12. место на табелата на „Ворлдметерс“, но сепак сме во горниот дел на скалата, без оглед што на кројот на минатата година нашата земја беше на петтото место.
На првото место на оваа неславна листа е Чешка со 2.041 починати, па Белгија со 1.915, Словенија е трета со 1.874. Со фрапантното зголемување на бројот на инфекциите и починатите на петтото место се искачи Црна Гора (која едно време многу добро се справуваше со епидемијата) со 1.699 починати на милион жители, а веднаш по неа е Унгарија, каде исто така со ракетна брзина расте бројот на позитивните и смртните случаи. На оваа листа пред Македонија се искачи и Бугарија, каде исто така брзо се зголемува бројот на заболените и починатите.
Дел поради многуте мутации на вирусот, дел поради опуштањето на луѓето при почитувањето на мерките, бројот на заболените повторно се искачува на кривата. Освен во оние земји каде што масовната вакцинација на возрасното население има многу голем замав. Така, во Велика Британија, која со САД и Израел на врвот на бројот на вакцинираните, во саботата беа регистрирани 82 смртни случаи, што е најниска бројка од минатиот октомври. А бројот на дневни инфекции беше 5.177, најнизок од септември. Поради големата вакцинација училиштата се подготвуваат за отворање.
Во САД првата доза вакцини ја примиле веќе 90 милиони луѓе, што е една четвртина од населението. Со тоа Америка се доближува кон ветувањето на Џо Бајден дека во првите сто дена ќе бидат вакцинирани 100 милиони луѓе. Иако бројките на починати и натаму се високи, тие последниве неколку недели се во постојано намалување.
Но Словачка, која пред неколку месеци го тестираше целокупното население, тешко се справува со короната, а ја има и највисоката стапка на смртност од Ковид-19. Франција ѝ прискокна на помош и ѝ подари 15.000 вакцини на „Оксфорд/АстраЗенека“ на Словачка. Владата во Братислава бара ургентна испорака на уште 100 илјади вакцини од Европската унија.
Полска, која денеска регистрираше 6.170 нови случаи и 32 починати, преку министерството за здравство најави дека до крајот на неделава се очекуваат до 20.000 позитивни случаи на ден. И дека за време на Велигден веројатно ќе има нови ограничувања. (Н.В.)