Македонија падна дури 12 места подолу во годинашниот Индекс за корупцијата

Албанија и Косово со ракетна брзина ја претекнаа Македонија во борбата против корупцијата. Од регионот најдобар резултат има Црна Гора


Фото: Б. Грданоски

 

Нова влада веќе осум месеци, голема вербална војна против корупцијата, а резултатите на Македонија на Индексот за корупција на „Транспаренси интеренешенал“ се полоши од оние за претходната година. Во Индексот за корупција објавен денеска, а се однесува на 2024 година, Македонија има пад од дури 12 места.

На глобалната скала Македонија има 40 поени и се наоѓа на 88 место. 

Тоа е за два поена помалку од рангирањето на 2023 година, но нѐ носи 12 места подолу. Во 2023 нашата држава беше на 76 место. Тоа е прво назадување на Македонија од 2019 година,  оттогаш нашата држава одеше само нагоре во справувањето со корупцијата, сѐ до 2024.

Бидејќи Индексот за корупција се базира врз перцепција, тоа значи дека граѓаните мислат оти борбата против корупцијата што ја води новата влада е полоша од онаа на претходните, или дава полоши резултати.

Графикон за индексот на корупцијата во Македонија од 2012

Од соседите, Албанија и Косово ја претекнаа Македонија во борбата против корупцијата. И тоа со големи чекори. Албанија оди брзо нагоре на скалата за борбата против корупцијата. Во Индексот за 2023 беше на 98 место, а сега е на 80 место со 42 поени. Тоа значи дека во Индексот за 2023 Албанија беше  дури 22 места зад Македонија, а сега е осум места пред неа.

Косово е уште погоре, има 44 поени и се наоѓа на 73. место, десет позиции погоре. Во 2023 и Косово беше зад Македонија седум места. Црна Гора е најнапред од сите земји на Западен Балкан – 65 место во 46 поени.

Србија е е многу долу – се наоѓа на 105 место со 35 поени, една позиција подолу од лани, а Босна и Херцеговина е уште подолу, на 114 место со 33 поени. Лани беше на 108 место.

На прво место како и лани е Данска со 90 поени, втора е Финска, па Сингапур, Нов Зеланд, Луксембург, Норвешка…