Фудбалерите повторно испишаа историја – Македонија обезбеди бараж за Мундијалот во Катар (фото)


Македонската фудбалска репрезентација вечерва во Скопје го совлада Исланд со 3:1 , во решавачкиот натпревар кој ги отвори вратите за учество на бараж натпреварите за Светското фудбалско првенство во Катар следната година. По учеството на Европското фуудбалско првенство, ова е уште еден историски упех на фудбалерите и на селекторот Благоја Милевски.

Пред околу 20 илјади гледачи на Националната арена „Тодор Проески“, во возбудлив натпревар, македонската репрезентација дојде брзо во водство со голо на Езгјан Алиоски во 7. минута, а гостите израмнија преку Јон Дагур Торстеинсон. Елиф Елмас повторно ги отвори шансите за дополнителните квалификации за Мундијалот, постигнувајќи го вториот гол за Македонија во 65. минута, а печат на овој историски успех даде со погодокот во 87. минута. Инаку, од 79. минута, „црвено жолтите имаа играч повеќе, откако беше исклучен Исак Јоханесон.

Избраниците на селекторот Милевски во текот на целиот натпревар имаа голема поддршка од навивачите на трибините на Националната арена.

Со овој успех македонската фудбалска репрезентација во квалификациската група Ј го освои второто место, зад Германија која има 27 бода, девет повеќе од Македонија. Романија со бод помалку е на третото место.

На другите две средби од последното, 10. коло во Ј-групата од квалификациите за СП 2022, победи забележаа гостинските репрезентации:
Лихтенштајн – Романија 0:2 и Ерменија – Германија 1:4.

Директен пласман на Светското првенство во Катар од поодамна избори првопласираната Германија која на крајот освои 27 бода. Од 3-6.место се пласираа: Романија 17 бода, Ерменија 12, Исланд 9 и Лихтенштајн 1.

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски е задоволен од изданието на неговите избраници на вечерашниот натпревар со Исланд.

Тој им го честиташе пласманот во баражот на репрезентативците за кои е убеден дека располагаат со квалитети за поголеми успеси.

Милевски на прес-конференцијата по натпреварот во Скопје, не заборави да ја истакне и заслугата на претходниот селектор со кого македонската репрезентација ги започна квалификациите за Мундијалот 2022.

-Честитки до моите фудбалери. За успехот е заслужен и мојот претходник Игор Ангеловски и играчите кои беа дел од овој квалификациски циклус. Раниот гол на Алиоски ни ја олесни работата. Исланд е сериозна репрезентација и бевме свесни дека до крајот моравме да бидеме максимално концентрирани. Ние доминиравме во текот на целиот меч и задоволен сум од сите кои добија шанса. Сепак ќе кажам дека не сме стигнати до нивото кое јас го посакувам. Имаме потенцијал да напредуваме уште и сите се ставени во функција на такво нешто. Јас уште од самото доаѓање на селекторската функција верував во квалитетите на нашите фудбалери и тие целосно ја оправдаа довербата, рече Милевски.

Ждрепката за групите во плејофот ќе биде извршена на 26 ноември, а натпреварите ќе се играат во март следната година. 

(Фото: Борис Грданоски)