Македонија не е сопственик на дел од Гасниот терминал во Александрополис, но сака да биде


Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека нашата земја има закупено капацитет во Гасниот терминал во Александрополис и дека земјава не е сопственик на дел од терминалот.

„Изразивме подготвеност да бидеме дел од Гасниот терминал преку кој ќе биде транспортиран ЛНГ гас од САД и од други земји кои се наши партнери. За таа цел со одлука на Влада веќе имаме закупено количини на гас за потребите на Северна Македонија. Гасниот терминал има свои сопственици и доколку некој од нив има намера да продаде дел од своите удели кои ги поседуваат нашата држава е подготвена да купи дел од Гасниот терминал и да стане дел од сопственичката структура“, изјави Ковачевски во одговор на  новинарско прашање при денешната посета на Битола и додаде дека сопствениците на терминалот досега немаат донесено таква одлука.

За големата гасна когенеративна централа која се гради во близина на терминалот во Александрополис рече дека е во целосна приватна сопственост на инвеститори кои не се од нашата држава.