Македонија на седмо место по смртност од ковид на еден милион жители

Кога и во Македонија рекордите на новозаболени се уриваат секој ден, а бројот на смртни случаи е прилично голем, време е здравствените власти да излезат со нови мерки. Пред сѐ, како да се забрза вакцинацијата


Фото: Б. Грданоски

 

Сликата е многу црна, но не е најцрна.

Наспроти тврдењата на многу политичари, а и на некои лекари, дека Македонија има најголем број смртни случаи на еден милион жители во светот, нашата земја сепак е на седум места подолу. Иако тоа не е никаква утеха.

Според податоците што дневно ги ажурира realclearpolitics од САД (еден од најдоверливите агреагтори за вести, коментари и анализи во Америка), Македонија е на седмото место по бројот на смртноста на еден милион жители со 3.968 починати. Realclearpolitics ги ажурира бројките според податоците на Светската здравствена организација, Европскиот центар за превенција на болести, американските и други здравствени власти.

 

Но како што се зголемува бројот на смртни случаи последнава недела најмногу поради енормното ширење на Омикрон сојот не е исклучено Македонија да се качи многу брзо и на некое место погоре на црната листа. Болниците се полнат, иако има уште слободни места, но голем дел од здравствениот персонал е заразен и пациентите не можат да добијат целосна нега. Бројот на активни случаи изнесува огромни 20.856, но реалната бројка е можеби за една третина повисока, затоа што многу заболени не се тестирани со ПЦР, туку само со брзи тестови купени од аптека и не се заведени во регистарот. 

Пред нас на оваа листа се четири земји од регионот – Бугарија, Босна и Херцеговина, Унгарија и Црна Гора. Убедливо прв на листата е Перу со 6.395 смртни случаи на еден милион жители.

Вчера во Македонија беа регистрирани рекордни 2.341 новозаболени со Ковид-19, а починаа уште 26 пациенти. Здравствените и другите власти последниве денови упорно молчат за преземањето на нови мерки. Вакцинацијата речиси и да запре. Здравствените власти одамна не објавуваат податоци колку вакцини дневно се администрирани (дали прва, втора или бустер доза), веројатно затоа што бројките се поразителни, а никој не премзема ништо тие да се зголемат. Министерот за здравство Беким Сали молчи (освен една изјава минатата недела) и време е да претстави планови како да се запре  плимата на нови заразени и како да се поттикне вакцинацијата во време кога депоата се полни со вакцини а луѓето се помалку доаѓаат да ги засучат ракавите и да ја примат иглата. (Н.В.)