Македонија му го нанесе првиот домашен пораз на Исланд по цели 13 години, со победа в недела одиме на ЕП

Македонската ракометна репрезентација дојде до огромен триумф против Исланд во Рејкјавик со 33:34. Освен фактот што со оваа победа се враќаме во игра за првото место во квалификациската група, за тежината на оваа победа сведочи и еден друг факт.

Имено, Македонија му го нанесе првиот пораз на Исланд на домашен терен по цели 13 години. Последна репрезентација која успеала со триумф да го напушти Рејкјавик е Шведска во 2006 година.

Исланд важеше за благ фаворит во дуелот со македонската репрезентација, токму поради фактот што арената „Лаугардалсхол“ важеше за неосвоива тврдина за нивните ривали, но и поради тоа што пред само три месеци во „Олимпиахале“ во Минхен не совладаа со 22:24 во рамките на Светското ракометно првенство, пораз кој не чинеше пласман во следната фаза.

Сега, нашите ракометари дојдоа до својата одмазда и тоа на најболниот можен начин за Исланд – со победа во Рејкјавик, со гол во последните секунди од мечот и тоа по негатива од дури четири гола во првото полувреме, со што нашите репрезентативци покажаа исклучителна борбеност и карактер на теренот на незгодниот ривал, кој досега имал подобар скор во меѓусебните дуели.

Дека Исланѓаните тешко го поднесоа поразот во инфаркт завршницата, сведочат и зборовите на селекторот Гудмундур Гудмундсон.

„Мислам дека судиите донесоа исправна одлука. Прво имаше чекори, а потоа нашиот ракометар ја исфрли топката во аут, по што заслужено Македонија доби пенал во последните секунди. Навистина е тешко и мизерно чувството да се доживее ваков пораз. Мечот не се игра неколку секудни, туку 60 минути. Очекував поголема поддршка од нашите голмани, која не ја добивме, па противникот сосема заслужено се радуваше на победата“, изјави Гудмундсон.

Следна цел за нашата репрезентација е победа в недела во СЦ „Борис Трајковски“ во пресметката со истата репрезентација во рамките на четвртото коло од квалификациите.

Со вчерашната победа во Рејкјавик нашата репрезентација дојде до четири бода по три одиграни кола. До крајот остануваат уште толку, а со победа над Исланд во Скопје, нашата репрезентација ќе обезбеди место на континенталниот шампионат.

Во случај на нов триумф над Исланд, нашата репрезентација на своето конто ќе има шест бода, Исланд би останал со четири, а доколку Турција по победата на гости, слави и на домашен терен против Грција, исто така ќе има четири бодови, додека Грција ќе остане само на два, оние освоени против нас.

Пласман на ЕП обезбедуваат првата и втората репрезентација во групата, а за ние да не се пласираме на Европското првенство, до крајот на квалификациите ќе треба да се случат неколку изненадувања, како пораз на Македонија од Грција во Скопје, односно Грција да слави со Исланд на домашен терен, или пак, Турција да слави со Исланд во Рејкјавик и со Македонија на домашен терен, па ние во тој случај на крајот да бидеме третопласирани.

Но, и со еден таков неочекуван исход, во кој ние би ја завршиле групата со шест бода, односно по евентуалниот триумф над Исланд во Скопје, да загубиме и од Грција и од Турција, нашата репрезентација повторно има огромни шанси да се пласира на ЕП, благодарение на правилото кое гласи дека четирите најдобро третопласирани селекции обезбедуваат пласмана ЕП. Во моментов најдобро третопласирани екипи се Црна Гора, Холандија, Босна и Херцеговина и Турција, со три, односно два бода и речиси е сигурно дека ниту една репрезентација од овие до крајот на квалификациите нема да освојат шест или повеќе бодови, со што би ја елиминирале Македонија од Топ 4 најдобри третопласирани репрезентации.

Како и да е, дури и со евентуален пораз од Исланд во недела, нашата репрезентација повторно има огромни шанси за пласман на ЕП со триумфи над Турција и Грција до крајот на квалификациите да го обезбеди своето место на ЕП идната година.