Македонија меѓу земјите со пораст на заразени над 100 отсто


Во изминативе две недели вкупно 22 земји во Европа пријавиле зголемување на бројот на заболени од коронавирусот како втор бран од пандемијата, покажуваат податоците на Светската здравствена организација. Дури и во земји каде што со недели не беа забележани случаи на заболени од ковид-19, со вториот бран повторно се врати вирусот. Таков е случајот со Словенија и Црна Гора каде што во изминативе две недели повторно се евидентираат заболени, но помалку од десетмина дневно.

На светската листа на земји каде што е забележан пораст од над сто проценти во однос на претходните две недели од ново заболени од коронавирусот покрај Македонија се и Израел со околу 300 случаи дневно, потоа Грција со пораст од 50-тина, БИХ со раст од 60 нови случаи, и Албанија со 66 нови случаи забележани вчера.Со раст до 90 проценти, на листата е и Шведска со последната бројка од вчера кога беа забележани 1239 нови случаи на заболени од ковид-19.

Причината за ваквата ситуација е непочитувањето на основните заштитни мерки, вели претставничката на Светската здравствена организација во Скопје ЏиханТавилах.Таа во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе биде објавено в сабота, вели дека во Македонија ситуацијата е навистина сериозна и дека миксот од непочитување на мерките и лажните вести предизвика ситуацијата да ескалира.

„Јас мислам дека луѓето погрешно ја интерпретираа ситуацијата во која владата сакаше да ги олесни рестрикциите со цел да ја подобри економската состојба, и луѓето си помислија дека тоа е добро, дека вирусот го нема, и со лажните вести состојбата ескалираше. Јас можам да кажам нема време за одмор, дека нема време да се заборави на овој вирус и мора да се вратиме на нормалното, но мора да се адаптираме на новото нормално. Многу е критично сега, кога мора да инсистираме на сите индивидуални мерки за заштита“, вели доктор Тавилах.