Македонија меѓу храброста и претпазливоста

Македонија можеби може да си дозволи некоја пауза во процесот на напредување кон ЕУ, со барање на решение кое „ќе ги поправи грешките на претходнта влада“, но прашање е какво ќе биде тоа и кога ќе биде изнајдено


Пред изборите сретнував многу луѓе кои ми викаа: „Ми се смачи веќе да попуштаме. Треба еднаш да им кажеме не, па што сака нека биде“.

Се чуствуваше веќе подолго време дека граѓаните на Македонија, а особено Македонците од сите партии, се чуствуваа уморени пред сѐ од барањата на соседите за промена на името со цел земјата да стане членка на НАТО, а потоа и од низа други барања во кое беше вклучено внесувањето на Бугарите во Уставот со цел земјата да ги почне преговорите по поглавја со ЕУ.

ВМРО-ДПМНЕ, Левица, па и ЗНАМ, подобро ги почуствуваа тој умор и нараснатата желба за отпор на притисоците, и го убедија мнозинството дека ако ја добијат довербата на изборите, нема да водат политика на попуштање кон барањата од соседите како претходната власт, ќе направат сѐ за да поправат веќе направената штета и дека со една поинаква надворешна политика ќе ѝ ја вратат гордоста на Македонија.

Искрено кажано, таквите ветувања звучат примамливо, иако никогаш не беше јасно како ќе може да се постигне тоа.

Денес постојат сериозни филозофи, академици и писатели во Македонија, кои исто така сметаат дека целата надворешна политика на Македонија од независноста до денес била погрешна, поданичка и неука.

Од нив може да слушнете дека првата грешка била направена уште 1993 година кога сме прифатиле да бидиме примени за членка на ОН под референцата Поранешна југословенска Република Македонија.

Уште поголема грешка сме направиле со потпишување на Преспанскиот договор со Грција, бидејќи и без него и без промена на името, со сила ќе нѐ внесле во членството на НАТО.

Грешка сме направиле што Македонците со голема леснотија со тој договор се откажале и од своите антички корени, бидејќи само тие го задржале античкото име на Македонците.

А најголема грешка бил Договорот со Бугарија, кој според нив треба да се раскине еднострана од наша страна, и да не се дозволи никогаш Бугарите да ги направиме конститутивен дел од народ во нашиот Устав, ниту пред ниту по завршување на разговорите за членство во ЕУ.

Голем број од овие критичари на надворешната политика на Македонија се скептични во однос на желбата на ЕУ да нѐ прими за членка во тој сојуз и предлагаат прашањето за членство да го одложиме за некогаш кога ќе созреат условите за тоа, а до тогаш да работиме на прашања од нашето внатрешно уредување и развој.

Сето ова звучи, храбро, херојски, праведно и убаво. И се поставуваа прашањето: Што ги мотивирало владините и парламентрани состави во периодот до сега да направат толку „грешки и отстапки“.  Дали се работело за неспособност, корупција или дури за национално предавство за кое треба да им се суди.

Зарем тие поранешни политички лидери на партии и претседатели на држава не можеле да сфатат дека ниту една од тие понуди не требало да биде прифатена и ниту еден од тие договори, не требало да биде потпишан? Зарем не би биле поголеми херои на нацијата и не би останале многу подолго на власта отколку што биле?

Сигурен сум дека можело поинаку. Но, сега навлегуваме во полето кај што расправаме за тоа: Што би било, кога би било?

Но, да почнеме со ред:

Од денот на незавиноста, до приемот на Македонија во членство на ОН, земјата беше изложена на невидени притисоци и закани од видот дека никогаш нема да стане независна држава ако не се откаже од името Македонија. Слушавме изјави дека „Секое племе не може да има своја држава“ и најави за воена разврска на она што остана од поранешна Југославија по стекнувањето на незвисноста на Словенија и Хрватска. Политичкиот врв во Македонија имаше одговорност за тоа што ќе се случува со земјата и во земјата. Во такви услови понудата да станеме полноправна членка на ОН по привремената референца „Поранешна југословенска Република Македонија“ а за разликите околу името со Грција да разговараме со посредник од Обединетите нации, не изгледаше лошо.

Македонија со таа отстапка стана полноправна членка на ОН и многу побезбедна земја пред можниот натамошен расплет на територијата на поранешна Југославија.

Оние што тоа тогаш го сметаа за нацинално предавство, неука политика и веднење кичма пред посилните и кои се силеа дека „ако треба и корења ќе јадеме ама името не го даваме“ набргу сфатија колку тоа „попуштање“ беше важно за опстојувањето на независната држава.

Во април 1993 година Македонија стана членка на ОН а веќе пред зимата таа година Грција ѝ воведе ембарго на Македонија за увоз на нафта од Грција, а од февруари 1994 и целосно трговско ембарго и блокада која траеше се до постигнувањето на Привремената спогодба со Грција,  во септември 1995 година, со која, во замена за почитување на нашиот територијален интегритет од страна на Грција, Македонија се согласи да го смени знамето и да внесе член во Уставот кој ќе гарантира немешење во внатрешните работи на Грција.

Точно е дека и тоа беше попуштање од наша страна, подлегнување на притисок и на економски уцени и војна наспроти сите правила, но тоа се случуваше во време кога беснееше војната во Босна и Херцеговина и Хрватска, а меѓународната заедница  имаше воведено санкции на Србија и земјата реално беше блокирана од сите страни.

Во октомври 1995 година беше извршен и атентатот врз претседателот Глигоров. Не се дозна до ден денешен, кој го направи тоа и што беше пораката.

Во периодот на економската блокада на Македонија, Бугарија ѝ помогна на земјава да се снабдува преку нејзините пристаништа со нафта и деривати, но и со други трговски стоки потребни за економијата. Но, Бугарија не се откажа ниту во еден момент од идејата дека македонската нација е создадена врз бугарски етнички корени, дека таа е измислена од Тито и од Коминтерната, говори на бугарски дијалект и дека сега целта на Бугрија треба да биде само „будење на бугарската национална свест кај македонскато население“ и притисок за признавње на бугарската историја и бугарските национални корени, како основа за заедничка иднина.

По првата посета на Глигоров на Бугарија во мај 1994 година стана јасно дека Бугарија не отстапува од тие цели, и затоа не беше потпишан ниту еден договор меѓу двете земји за време на таа посета. Тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Георгиевски, и неговите соработници беа омилени личности во Бугарија и надеж за остварување на нивните цели. Тие беа дочекувани и гостени во надеж дека кога ќе дојде до промена на власта ќе дојде и до промена на „неблагодарната политика“ на Македонија кон Бугарија.

По промената на власта во 1998 година, Љупчо Георгиевски отиде во Бугарија и ја потпиша Декларацијата за добрососедство меѓу двете земји, потпишана со формулацијата „На македонски јазик според Уставот на Република Македонија и на бугарски јазик според Уставот на Република Бугарија“.  Таа Декларација остава простор за натамошно негирање на посебноста на македонскиот јазик, но со неа  се откочија трговските односи меѓу двете земји, се потпишаа бројни договори меѓу двете земји. Сето тоа беше важно кога во тие години еруптираше конфликтот во Косово, кога по обидот за етничко чистење на Косово од страна на Слободан Милошевиќ, Македонија беше преплавена од бегалци од Косово, кога заради признавањето на Тајван од страна на владата на Георгиевски беа повлечени силите на УНПРЕДЕП од границата меѓу Македонија и Косово, а беше нарушена регионалната стабилност.

А кога во Македонија изби конфликтот во 2001 година, и кога се слушнаа идеи за поделба на Македонија по етничките линии, Бугарија на македонската влада предводена од Георгиевски ѝ подари и свои тенкови (додуша стари модели) за одбрана.

Владата и власта на Гергиески не траеа доволно долго, а Бугарија продолжи со очекувањата за „благодараност од Македонија што прва нѐ признала, што нѐ спасила од грчкото ембарго и што ни подарила тенкови“.

Во периодот од 2002 до 2006 Македонија говореше само за членство во НАТО и во ЕУ, бидејќе веќе бевеме потписници на Акциониот план за членство во НАТО, а во 2005 година станавме и земја кандидат за членство во ЕУ.

Откако во 2008 година не станавме членка на НАТО заради ветото од Грција на Самитот во Букурешт, Груевски го организираше својот „патриотски грабеж“ на земјата. Почнавме да го славиме античкото минато на земјата и на Македонците, и со Грција на некој начин се запреа разговорите, а исто така и со Бугарија, при што барањето од страна на Бугарија да се потпише договор за пријателство и соработка, беше одбивано и одложувано со образложение дека за пријателство и соработка не ни е потребен посебен договор.

Цели десет години, од 2006 до 2017, година земјата имаше можност да се развива самостојно без да брза со членство во НАТО и во ЕУ и без притисоци. Тоа ѝ овозможи на власта внатре да си прави што сака и да ги добива без проблем секогаш изборите на патриотската карта.

Владата на Заев која се формираше дури во мај 2017 година, со  голема подршка од меѓународната заедница се втурнува во процесот на брзо наоѓање решенија за процесите што го кочат влезот на земјата во НАТО и во ЕУ.

Заев врз основа на текстот од декларацијата од 2008 година, веќе во август 2017 година го потпишува Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, во кој Бугарија презема обврски да не го попречува влезот на Македонија во НАТО и во ЕУ.

Грција соочена со опасноста да остане изолирана на Балканот во попречувањето на Македонија за влез во НАТО, прифаќа процесот на изноѓање договор со Македонија да се забрза и со помош на Метју Нимиц се доаѓа до формулациите за Договорот од Преспа.

Македонија прифаќа да го користи името Република Северна Македонија за домашна и за меѓународна употреба, прифаќа и дека античката историја е дел од хеленската (грчка историја и култура) во замена за прифаќањето од страна н Грција да не ја оспорува како посебна нација со свој јазик, историја и култура и да не ја попречува во интеграциите за влез во ЕУ и во НАТО .

Благодарение на овие договори Македонија стана членка на НАТО на 27 март 2020 година.

Владата на Заев доби подршка од граѓаните и формираше влада и во јули 2020 година, но тогаш во Бугарија веќе беа запалени светлата за тревога.

Клучната теза на бугарските нациналисти беше дека Грција со Договорот од Преспа си ја заштитила античката историја и ги принудила Македонците да ја признаат како нивна, а дека Бугарија со својот договор не обезбедила Македонците да прифатат дека се нација изградена врз бугарски етнички корени и дека немаат своја историја пред 1945 година. Таму беше постигнат национален консензус дека тоа треба да се изнуди низ процесот на зачленување на Македонија во ЕУ. За таа цел Бугарија ја злоупотребува и Историска комисија, и делењето бугарски државјанства и формирањето културни клубови на Бугарите во Македонија, и политички провокации од нивни парламентраци, политичари и историчари.

Владата на СДСМ и ДУИ просто изгоре во желбата да го помрдне процесот на зачленување на Македонија во ЕУ, сметајќи со право дека членството во ЕУ е најдобрата гаранција за заштита на оспоруваниот македонски национален идентитет и интерес. И во тој процес беа дадени некои неумерени изјави, па и прифатено етничката заедница на Бугарите да биде ставена во Уставот како дел од конститутивен дел од народ што ја создал Македонија.

Тоа можеби ја прели чашата на револтот на граѓаните и СДСМ за прв пат доживеа толку голем пораз на изборите.

Бугарија си дозволи со своето однесување да стане најголем напријател на Македонија и на Македонците, и колку повеќе ќе настапува од позиција на сила повеќе ќе се оддалечува од Македонија, а нејзините цели ќе стануваат илузорни.

Македонија можеби може да си дозволи некоја пауза во процесот на напредување кон ЕУ, со барање на решение кое „ќе ги поправи грешките на претходнта влада“, но прашање е какво ќе биде тоа и кога ќе биде изнајдено.

Факт е дека надворешната политика на Македонија од денот на независноста до денес е водена со многу големо внимание и потребни отстапки за да се преживее, опстане и напредува.

Сведоци сме на земји како Палестина која е признаена како независна држава од 146 земји во светот и земја набљудувач во ОН,  но внатрешните недоразбирања околу тоа како треба да се одбрани својата незвисност доведуваат да страда цел народ со децении.

Ние не смееме да си го дозволиме тоа.

(Ѓорѓи Спасов е универзитетски професор и поранешен дипломат)