Денешната седница на Комисијата за надворешни работи ќе се одржи зад затворени врати бидејќи материјалите што ќе бидат разгледувани имаат доверлив карактер и ќе можат да имаат увид во нив само пратеници со безбедносен сертификат.Сослушувањето пред собраниската Комисија е финална фаза за амбасадорите, по која заминуваат во странство.

Покрај Попов, своите тези пред собраниската Комисија треба да ги претстави и Агрон Буџаку кој ќе биде амбасадор во Канада. Буџаку е познат за македонската јавност по тоа што во 2004 година неколку месеци беше министер за транспорт и врски, а беше и пратеник. На претседателските избори во 2009 година беше претседателски кандидат од редовите на ДУИ, а во својата кариера има и долго амбасадорско искуство во Париз. тези пред членовите на Комисијата за идните дипломатски активности ќе претстават и новите амбасадори на земјава за Норвешка – Дритон Куќи, Белгија – Методија Белевски и Словачка – Евгенија Илиева.

Во наредниот период се очекува да се пополнат уште неколку испразнети амбасадорски места бидејќи добиени се агремани за уште тројца амбасадори и во тек се нивните подготовки за преземање на должноста. Барањето до Собранието за закажување седница на Комисијата за надворешни работи за овие тројца амбасадори, како што најави МНР минатата недела, ќе биде пратено во скоро време. Станува збор за амбасадорските места во Франција каде ќе замине актуелниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски, како и во Бугарија каде амбасадорка ќе биде актуелната шефица на македонската мисија во ЕУ Агнеса Руси и во Турција каде заминува Јован Манасијевски.