Македонија ќе се задолжи од 590-610 милиони евра за да ја спаси економијата

Очекуваме поволна каматна стапка за овој инструмент, дури и пониска од претходно издадената еврообврзница од 2018

Македонија ќе се задолжи околу 590 – 610 милиони евра со кои ќе ја спасува економијата, односно фирмите и работните места кои се загрозени како последица од епидемијата со корона вирусот, соопшти денес министерката за финансии Нина Ангеловска.

Околу 400 милиони евра ќе бидат побарани од комерцијалните банки преку таканаречен кредит за премостување до издавањето еврообврзница, а 87 милиони евра ќе бидат побарани од Меѓународниот монетарен фонд и околу 100 до 120 милиони евра од Светска банка.

Министерката очекува дека кредитот за премостување ќе се добие под поволни услови, дури и поповолни од оние за еврообврзницата издадена во 2018 година, кога каматата беше 2,75 отсто.

Овие средства ќе помогнат да се обезбеди ликвидноста на буџетот, како и ликвидноста на фирмите и на граѓаните, рече Ангеловска. Таа најави дека многу скоро Владата ќе го обелодени новиот сет мерки за поддршка на стопанството и граѓаните. Таа очекува дека во вториот квартал годинава кризата ќе го доживее максимумот, поради намалените приходи во Буџетот. Таа исто така најави и кратења и прераспределба на средствата од Буџетот, но за сега рече дека не потребен Ребаланс.

„Неопходно е да се обезбеди сигурност на Буџетот во секое сценарио и да се обезбеди ликвидносна и финансиска инјекција во стопанството преку мерки за помош на фирмите“, рече министерката Ангеловска. „Потребно е да обезбедиме средства веднаш“, рече таа и објасни дека биле разгледани сите можности и опции кои биле на располагање

„Имајќи предвид дека издавањето на еврообврзница е подолг процес кој трае повеќе од два месеци, дека непредвидливоста е голема и кај пазарите на капитал, како и дека до вчера бевме во предизборие и не можевме порано да го почнеме тој процес, Министерството за финансии предложи за финансирањето сега да се искористи специјален инструмент заем-до-обврзница (bridge to bond facility) во износ 400 милиони евра со рок до доспевање до 12 месеци, кој ќе ја поддржи ликвидноста на државата во време на пандемијата и намалувањето на економската активност, потребите во секторот здравство, како и стопанството. Овој заем како што и самото име имплицира ќе биде целосно отплатен со средства кога ќе се издаде еврообврзницата. Станува збор за заем од странски банки под поволни услови“, рече Ангеловска.

Осврнувајќи се на критиките во јавноста дека првиот пакет мерки кои ги објавија Владата и НБМ е недоволен и задоцнет, Ангеловска рече дека причината за тоа било што тие работеа во услови на техничка влада и распишани избори, односно како што нагласи „кога рацете ни беа врзани за речиси сите потребни работи кои требаше да се преземаат“.

„Без да обезбедиме дополнителни средства и ликвидност, предлагањето на агресивни мерки би било несериозно во услови не неизвесност за можноста за нивно спроведување. За многу од мерките потребни се законски измени кои не беше возможно да се направат пред прогласувањето на вонредна состојба“, рече Ангеловска.

Таа очекува најголемите ефекти од епидемијата со корона вирусот врз економијата да се почувствуваат во следните три месеци, со што во вториот квартал се очекува забавување на економската активност, па и негативна стапка на раст.

„Во третиот квартал се очекува подобрување, но тоа за одредени сектори нема да придонесе за драстично закрепнување. Во четвртиот квартал се очекува позитивен пресврт и закрепнување“, рече министерката за финансии. Таа нагласки дека приоритет ќе бидат фирмите бидејќи тие се оние кои креираат работни места и кои продуцираат нова вредност.

„Приоритет ќе ни биде фирмите да опстојат, а работните места да ги задржиме. Новите мерки кои ќе се претстават се во таа насока“, нагласи Ангеловска.