Македонија ќе произведува четири вида дронови според НАТО стандарди


 

Четири видови дронови наскоро ќе почнат да се произведуваат во Македонија, најави премиерот Димитар Ковачевски, по посетата на фабриката „АТС АММО“ во Самоков. Дроновите ќе бидат според НАТО стандардите, а ќе имаат повеќе намени.

„Ќе се започне со сериско производство на четири видови на дронови кои ќе бидат опремени со вештачка интелигенција, кои што ќе имаат висок дострел, кои ќе имаат соодветна носивост да бидат опремени со соодветна опрема, и кои што ќе бидат целосно произведени во Македонија согласно сите НАТО стандарди и ќе можеме да ги гледаме во воените арсенали на земјите на алијансата“, рече Ковачевски.

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, потенцираше дека оваа компанија веќе е регистрирана на НАТО пазарот и учествува на пазар кој вреден повеќе од пет милијарди евра. Министерството и Армијата ќе соработуваат за производството на првиот дрон, а за техничките спецификации вели дека е рано да се каже.

Петровска додаде дека компанијата е единствена фабрика во земјава за производство на малокалибарска муниција, произведува повеќе од 120 милиони парчиња годишно, а догодина се планира тој број да се зголеми и до 250 милиони парчиња.