Македонија ќе праќа хируршки тим во мисијата на НАТО во Авганистан


Министерката за одбрана Радмила Шекеринска учествуваше на вториот работен состанок на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО чиј фокус беа мировните мисии и операции и имплементацијата на Резолуцијата 1325 на Обединетите нации – Жени, мир и безбедност.

– Во дискусијата за мировните мисии и операции во Авганистан, Ирак и на Косово, министерката Шекеринска рече дека Северна Македонија го продолжува учеството во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, и најави дека сме во процес на подготовка за упатување на хируршки тим во соработка со Кралството Норвешка. Таа додаде дека нашето присуство во Авганистан ќе биде прилагодено согласно плановите за повлекување на НАТО по принципот „заедно внатре – заедно надвор“, соопштија од Министерството за одбрана.

Таа го истакнала и новиот придонес од 44 припадници на Армијата на Република Северна Македонија во рамките на силите КФОР на Косово, кој ќе биде зголемен во текот на идната година при што вкупната бројка ќе изнесува 180 војници, подофицери, и офицери, што е потврда за подготвеноста на нашата Армија да вложува во мирот и безбедноста на регионот.

Министрите за одбрана на НАТО на барање на Владата на Ирак, усвоија и директива за проширена мисија на НАТО во Ирак, која ќе биде неборбена и има за цел обука и советување на ирачките безбедносни сили. Министерката Шекеринска по ова прашање истакна дека се планира Северна Македонија да учествува со пет припадници во оваа мисија, во склоп на мобилeн тренинг тим за обука и советување, во рамки на А5 иницијативата.д Министерството за одбрана.