Македонија ќе потроши 300 милиони евра за да се справи со енергетската криза
Толку средства ќе бидат потребни во наредните два квартали со цел да обезбедиме електрична енергија по субвенционирани цени за граѓаните и за малите потрошувачи, рече премиерот Ковачевски. До крајот на годинава струјата нема да поскапи
На Македонија ќе ѝ бидат потребни околу 300 милиони евра да ја ублажи енергетската криза во наредните два квартали, односно од октомври годинава до крајот на април идната година. Ова го соопшти премиерот Димитар Ковачевски по состанокот на Советот за безбедност кај претседателот Стево Пендаровски, на кој беше претставен план за справување со енергетската криза.
„Калкулациите се направени во Министерството за финансии, сигурно е дека ќе бидат потребни финансиски средства до 300 милиони евра во текот на наредните два квартали со цел да обезбедиме електрична енергија по субвенционирани цени за граѓаните и за малите потрошувачи. Разговараме и со Бугарија за да обезбедиме базна енергија која што доминантно ќе биде за стопанството“, рече Ковачевски одговарајќи по состанокот на прашања на новинарите.
Тој посочи дека Министерството за финансии работи на обезбедување на финансиски средства, а дел од нив веќе се обезбедени, за што ЕБОР одобри кредит од 100 милиони евра за ЕСМ за набавка на електрична енергија. Законот за гаранција е во Собрание и Ковачевски се надева дека нема да биде закочен, затоа што како што нагласи, треба да се обезбедат ликвидни средства кои што ќе овозможат електрична енергија за потребите на стопанството по пониски цени.
Цената на струјата на регулираниот пазар ќе остане иста до крајот на годинава, а потоа може да се очкува таа да поскапи, но нема да се дозволи да има ценовен шок, посочи премиерот Ковачевски по состанокот на Советот за безбедност кај претседателот Стево Пендаровски, на кој се зборуваше за економската криза и за мерките кои се преземаат да се ублажи нејзиното влијание врз граѓаните и стопанството.
Одговарајќи на прашања на новинарите Ковачевски рече дека мора да бидеме свесни дека на територијата на Европа се води војна и секогаш во услови на војна се зголемуваат цените на енергентите и на основните прехранбени производи, се намалува достапноста и се јавуваат потешкотии во логистичките и транспортните ланци.
„Јас во обраќањето кажав дека до почетокот на идната година нема да има зголемување на цената на електричната енергија. Меѓутоа, Регулаторната комисија за енергетика е задолжена за определување и за зголемување на цената на електричната енергија. Но, доколку ги погледнете сите параметри во однос на производство, цена, дистрибуција на електрична енергија, тогаш на сите ни е јасно дека цените во идниот период, односно од идната година ќе бидат во пораст. Тие и денеска се во пораст на сите берзи, а во пораст се и сите суровини од кои што се произведува електрична енергија“, рече Ковачевски.
Како пример, тој ја посочи цената на јагленот која што беше 43 евра за тон, а сега е стигната до 93 евра за еден тон јаглен. Истото се однесува и за мазутот чија цена се зголемува.
„Ако се погледнат цените не на суровата нафта, туку на рафинираните деривати, ќе видите дека цената на бензинот не се зголемува, меѓутоа расте цената на дизелот со оглед на тоа дека денес во Европа се зголемува побарувачката за дизел, за мазутт, со цел производство на електрична енергија или помагање во процесот на производство на електрична енергија“, рече Ковачевски.
„Но, како и да е, и идната година државата со сите свои капацитети како и до сега, повторно ќе ја субвенционира електричната енергија и нема да дозволи ценовни шокови како што не дозволи и до сега за домаќинствата и за малите потрошувачи“, нагласи премиерот Ковачевски.
Инаку, во обраќањето Ковачевски рече дека Планот, кој го презентирал на Советот за безбедност ги има следните цели: сите македонски граѓани и домаќинства да имаат целосна, достапна и одржлива електрична и топлинска енергија; сите македонски граѓани и домаќинства да имаат целосно, достапно и одржливо снабдување со храна; сите македонски компании да имаат целосна, достапна и одржлива електрична и топлинска енергија, по цени пониски цена од берзанската.
Исто така, како што рече, Владата останува целосно посветена, низ внатрешен, регионален и меѓународен дијалог да ги подобри уште повеќе перформансите на домашното производство и екстерната оптимална поддршка, како и дека бара штедење на енергијата од сите граѓани и бизнисот, а пример за тоа ќе биде прва Владата, владините и јавните институции согласно објавениот План за штедење од 1 Септември.
Ковачевски сепак посочи дека не се исклучени одредени ризици.
„Постојат ризици. Непредвидени испади на термо блоковите во Битола и Осломеј заради апсолутната застареност на опремата кои се постари од 40 и 50 години. Непредвидливи ризици во цената на природен гас и електрична енергија до ниво на неиздржливост на цените во светски рамки. Евентуални забрани за извоз на природен гас и други енергенси и суровини за производство на електрична енергија и заради тоа имаме мноштво состаноци како внатре во земјата така и во соседните земји каде што има електрична енергија, како на пример во Бугарија која произведува базна енергија за регионот и исто така со Грција која што е практично логистичкиот центар на Балканскиот Полуостров“, рече премиерот.
(М.Ј.)