Македонија ќе му пресуди на „Цар Борис Трети“ по германски закон


 

Македонија ќе го користи германското искуство за да ги ограничи тенденциозните отворања на квази културни клубови на Бугарите во државата кои, според сите оценки, се класични политички провокации. Откако стана јасно дека нивниот број ќе се зголемува несразмерно на бројот на Бугарите во државата и дека може да предизвикаат инциденти кои ќе им наштетат на нашите преговори со ЕУ, почна да се создава терен да се ограничи нивната регистрација врз основа на искуствата на демократските земји.

Зошто е одбрана токму Германија, не е тешко да се одговори, бидејќи има слично историско искуство со Бугарија, а е сензитивна на употребата на имиња, симболи и други карактеристики што асоцираат на нацизмот и генерално на неприфатливи идеологии. Пораката е – ако може Германија, зошто такви правила да нема и Македонија, па критиките на таквото законодавство, ако дојдат од Софија, ќе се однесуваат и на законските одредби и практики на оваа држава, а тоа нема баш да ги воодушеви во Берлин.

Што е пак тоа што ги прави прифатливи за нас германските забрани за фашистичките симболи и имиња, е другото прашање. Па така, дури и демагогија или поттикнување омраза кон одредена раса или идеологија (во нашиот случај антифашизмот, комунизмот и чувството за посебна македонска нација)  се смета за кривично дело и се казнува со пет години затвор!  И, што е поважно, тоа дело го вклучува и негирањето на Холокаустот, што со отворањето на клубот со име „Цар Борис Трети“ јасно се прави од преставниците на бугарското малцинство во Македонија.

Германскиот закон, имено, забранува јавно да се користат симболи, логоа, знамиња, слогани, поздрави, пораки, програми и слично што пропагираат или величат со Уставот забранети организации или идеологии без да даде специфична листа за нив, за да може да се проширува. До каде е отидена таа забрана, освен забраната на свастиката и на десетина политички партии со нацистичка, фашистичка и комунистичка идеологија, се гледа и од тоа што на удар на тој закон сега е и руското „Z” од војната во Укаина, како и симболите на ИСИС од Ирак и Сирија. За нас е сепак најважно дека казната е од три до пет години затвор за секој обид да се оживее или рехабилитира фашистичката идеологија, така како што сега се прави од бугарските клубови во Македонија. Само годинава, притоа, Германија забрани три крајно десничарски групи , од кои едната ги користеше симболите и јазикот на Третиот Рајх, втората ширела омраза преку нео-нацистичка музика и коцерти, а третата  дистрибуирала антисемитистички материјали.  Слична регулатива по ова прашање има и во Австрија, иако не толку ригорозна.

Според некои оценки ваквите провокации, освен што им даваат на бугарските власти повод да нѐ обвинуваат за нетолеранција во ЕУ и да си најдат ново алиби за вето, откако го прифатија францускиот предлог што им го стесни просторот за тоа, им служат и за да се тргне вниманието од Гоце Делчев и другите историски личности – за кои во Софија им е јасно дека тешко ќе завршат како етнички Бугари.  Како и да е, откако самата се заштити со нелиберални уставни и законски решенија кои не дозволуваат ни постоење на македонско малцинство, а не пак на нивни здруженија и организации, бугарските власти (јасно е дека тие стојат со пари и мотивација зад ваквите провокации веќе видени изминатите шест децении) ги користат либералните закони и отсуството на законски ограничувања кај нас.

Сите на кои ваквите забрани им делуваат анахроно на демократските слободи треба да знаат исто така дека голем број земји во светот имаат дури и закони со кои забрануваат одредени имиња за новородените деца, иако станува збор за личен избор. Па, така, Хитлер не може повеќе да се појави во Германија, во многу други демократски земји одбраните имиња мора да се одобрат од властите, Португалија има 82 страници список со прифатливи и неприфатливи имиња за децата, додека Данска има  регистар со 7.000 препорачани имиња, а ако родителите сакаат име надвор од пропишаните, заседаваат и решаваат посебни тела. Во повеќе земји исто така не се одобруваат имиња на деца што се навредливи за други или за тој што треба да го носи.

Инаку, бугарските закони предвидуваат дека името на ново здружение или организација не смее да даде „лажлива идеја и да биде навреда за добриот морал“, наспроти веќе познатите уставни ограничувања да не се дозволува здружување на етничка  основа, бидејќи се третира како основа за уривање на уставниот поредок. Исто така, бугарскиот суд може да одбие регистрација на здружение или организација ако оцени дека активностите или други одредби од статутот не се во согласност со законските барања: да не се закана за територијалниот интегритет на земјата, за човековите права и слично. Притоа, им се забранува секаква политичка активност.

За ваквите репресивни практики Судот за човекови права во Стразбур има изречено десет пресуди за Бугарија, главно за ОМО „Илинден“,  што таа одбива да ги испочитува. Главната вина на ОМО „Илинден Пирин“ е што како цел има зацртано заштита на човековите права, на јазикот и на идентитетот на македонското малцинство во Бугарија, нешта што таа воопшто не ги признава, не им дозволува ни да се самодекларираат, ни да се изјаснат на пописот, ни да се организираат, додека во исто време кај нас  отворено финансира здруженија со иритирачки агенди и имињаи бара да се внесат Бугарите во Уставот. Па, додека ние се мислиме дали е демократски или не да забраниме јавно користење на имиња на соработници на фашистите, тие не дозволија ни регистрација на здружение со име „Граѓанска организација за заштита на основните индивидуални човекови права“ зошто се однесуваше на правата на Македонците, ВМРО на Красимир Каракачанов бараше пред две години да се забрани и Хелсиншкиот комитет на Бугарија, а не толку одамна одредени националистички партии бараа некои невладини да се прогласат за „странски агенти“ како во Русија, но таквиот предлог не наиде на одобрување во јавноста.

Царот Борис му беше лојален на Хитлер до самиот крај, па дури и кога по падот на Мусолини Италија бараше начин да излезе од војната и некако да им се приклучи на сојузниците

Инаку, премиерот Ковачевски вчера изјави дека Централниот регистар ја разгледува документацијата и поради намерата на граѓани да формираат такви здруженија што ги нарушуваат чувствата и односите со соседна држава, е формирано тело што треба да оцени дали одредено име може да биде користено или не.Тој му сугерирал на министерот за правда како основа да се земе германското законодавство бидејќи нашето се покажало како многу либерално.

„Германија е држава што е една од носечките држави во Европската унија во економијата, владеењето на правото и организирањето на внатрешен систем и мислам дека тоа е законодавство што треба да го земеме. Сакам да ги заштитам чувствата на граѓаните и исто така повикав при изработка на тој закон да учествуваат не само сите политички партии, туку да биде вклучена и еврејската заедница во собраниската комисијата во којашто ќе се разгледува законот“, нагласи Ковачевски.

Тој рече дека идејата за овие здруженија е да се предизвика провокација кај граѓаните, како и финансиски интерес и нетрпение помеѓу двете држави. Ковачевски изјави дека треба да му се стави крај на она што се случува меѓу двете држави и дека граѓаните не треба да бидат заложници на одредени граѓани што сакаат да ги нарушат односите.