Македонија ќе купува хеликоптери од Италија


Фото: Б. Грданоски

Владата ја разгледа и усвои Информацијата од Министерството за одбрана за потребата на доделување договор за набавка на повеќенаменски транспортни хеликоптери, со склучување договор влада со влада помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Министерството за одбрана на Италијанската Република.

Овластена е министерката за одбрана, Славјанка Петровска, во име на Владата на Република Северна Македонија, да го потпише Аранжманот помеѓу Министерството за одбрана на Република Северна Македонија во име на Владата на Република Северна Македонија и Министерството за одбрана на Италијанската Република, за соработка во полето на воената хеликоптерска авијација.

Согласно потребата за реформа на одбранбениот сектор и негова интеграција во НАТО, утврдена во Стратегискиот одбранбен преглед, како што е соопштено од Министерството за одбрана, се постапува по Долгорочен план за модернизација и опремување на Армијата на Република Северна Македонија, за постигнување целосна интероперабилност со армиите на земјите партнери во НАТО.

Владата, на предлог на Министерството за одбрана, донесе Одлука за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија, за учество во НАТО мисијата „Зајакнато истурено присуство“ (Enhanced Forward Presence -eFP ) во Република Летонија.

Владата, по укажување на дополнителниот заменик на министерот за внатрешни работи, дека со едностран потпис, само од страна на министерот за внатрешни работи, се донесени пет наредби за кадровски прераспоредувања и распоредувања во подрачни сектори на МВР и во Бирото за јавна безбедност, ваквите акти, како второстепен орган, ги прогласи за ништовни.

Согласно Законот за Влада на Република Северна Македонија, заради организирање на избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, дополнителниот заменик на министерот за внатрешни работи, заедно и рамноправно со министерот ги разгледува и потпишува сите акти и документ – во спротивно не произведува правно дејство.