Македонија ќе купи систем за противвоздушна одбрана од Франција


Министерката за одбрана Славјанка Петровска во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 рече дека Македонија како членка на НАТО следната година ќе добие систем за противвоздушна одбрана кој ќе го купи од Франција.

– Каде ќе биде поставен нема да биде соопштено, тоа е од наш стратешки интерес. На почетокот на септември ќе го потпишам договорот за набавка со мојот француски колега, а следната година ја очекуваме испораката, откри Петровска.

Министерката рече дека Македонија е подготвена да и испрати дополнителна воена помош, доколку Украина тоа го побара, но само ако тоа не ја нарушува борбената готовност на нашата земја.

– Доколку (оружјата) не ни се потребни, и ако добиеме позитивно мислење од Генералштабот дека не се нарушува борбената готовност, ние сме подготвени да одобриме нова воена опрема за Украина, рече министерката.

Петровска додаде дека Македонија и помага на Украина само поради тоа што верува дека на една земја не треба да и биде нарушен територијалниот интегритет.

– Од почетокот на руската агресија единствена погрешна одлука е таа на руската страна да изврши воена агресија. Украина е нападната и загрозен е нејзиниот територијален суверенитет, а постршани се фотографиите од нападите на цивилни цели, како училишта и болници,. Затоа на Украина и е потребна помош да се одбрани, смета Петровска.

Таа додаде дека до крајот на годината во земјата ќе пристигнат уште 27 воени оклопни транспортери купени од САД.

– Набавката на овие оклопни возила е еден од осумте клучни големи проекти за модернизација на армијата. Тоа е склучен договор од лани, а од оваа година се реализира. Тие веќе беа презентирани, до 2028 е последниот рок за испорака и ќе имаме 96 вакви возила, а до крајот на оваа треба да бидат испорачани 27. Стручните лица веќе се обучуваат со нив.  Тие имаат специфична опрема и за да може да се гарантира рокот на нивната употреба и користење, треба да постојат такви соодветни услови, додаде министерката.