Македонија ќе добие 100.800 вакцини на „Астра Зенека“
Македонија ќе добие 100.800 вакцини на „Астра зенека“ од КОВАКС механизмот, информираат од Светската здравствена организација за ТВ 24. Според листата што ја испрати СЗО до ТВ 24 од земјите во регионот, најмногу вакцини преку КОВКАС механизмот ќе добие Србија – 295.200 дози, Албанија ќе добие 120.000 вакцини, а Косово ќе добие иста количина како и Македонија.Босна и Херцеговина пак ќе добие вкупно 131.400 вакцини, од кои дел ќе добие од компанијата „Астра Зенека“, а дел од компанијата „Фајзер“.
„На Северна Македонија ѝ се доделени 100.800 дози. Првата фаза на распределбата им беше соопштена на релевантните влади кои тесно соработуваат со партнерите во КОВАКС и производителите на вакцини за специфичните датуми за испорака. Временските рамки за овие испораки ќе бидат објавени во наредните денови.“ – велат од СЗО.
Од Mинистерството за здравство велат дека ги очекуваат овие вакцини во текот на следните недели, но без да прецизираат точен датум на пристигнување. Тврдат дека Владата ги завршила сите процедури и исплати навреме.
Ваквата вест стигна во време кога 20 земји го запреа користењето на оваа вакцина и таа се проверува од страна на европската агенција за одобруваање лекови ЕМА.
ЕМА попладнево одржа прес конференција за да ги информира медиумите за процесот на проценка на вакцината на „АстраЗенека“. Конечен заклучок ќе донесе во четврток.
Имер Кук, извршната директорка на ЕМА, изјави дека засега се препорачува да се продолжи со вакцинација со „АстраЗенека“ и покрај тоа што сѐ повеќе земји во ЕУ го суспендираа процесот додека не се разјасни точно дали вакцината е опасна по здравјето на луѓето.Неколку земји на ЕУ пријавија случаи на тромбоза по вакцинирање со „АстраЗенека“, оттогаш во повеќе земји е суспендиран процесот сѐ додека ЕМА не даде конечен научен заклучок.
Кук изјави дека ова бара ригорозна анализа од страна на експертите во агенцијата за да може да се одреди дали случаите на тромбоза се предизвикани од вакцината или станува збор за коинциденции.Според Кук, засега бројките не покажуваат поголем број на тромбоза кај вакцинираните лица отколку во целокупното население, но ситуацијата е доволна алармантна за да се свикаат експертски состаноци.
-Интересот беше стимулиран од дополнителните пријави и ги проценуваме случај по случај, експертите повторно денеска се состануваат, и во четврток свикавме ад хок состанок за да ги процениме пријавите што стигаат од земјите членки, изјави директорката на ЕМА.
Сепак ЕМА за сега останува на ставот дека бенефитите се поголеми од ризиците и глобалната криза предизвикана од Ковид-19 и дека вакцината помага да се заштити населението, посебно најранливите групи.
-Не сакам да шпекулирам за финалниот заклучок, приоритет е да се обезбеди вакцинацијата да продолжи на безбеден начин, рече Кук, но додаде дека не е исклучено конечниот заклучок да препорача посебни предупредувања за вакцината.
Сѐ ќе зависи од исходот на експертскиот состанок, сите опции се на маса, рече таа, и нагласи дека во секој случај препораките ќе бидат засновани на научно мислење. Таа отфрли секаква политизација на ова прашање.
Агенцијата за лекови е свесна дека е поткопана во голем дел и довербата на граѓаните во оваа вакцина, и ќе го има и тоа предвид. Приоритет за ЕМА е безбедноста на вакцината и довербата на граѓаните.