Македонија ја достави унилатералната изјава за македонскиот јазик
Во текот на преговорите за пристапување сѐ до нивното завршување ЕУ и по приемот во полноправно членство Македонија нема да прифати да разговара за поинакво решение за македонскиот јазик од тоа наведено во Преговарачката рамка
Како што беше најавено, Македонија денес ја достави унилатералната изјава околу македонскиот јазик која е приложена кон записникот од првата Меѓувладина конференција со ЕУ. Во неа се наведува дека македонскиот литературен јазик е кодифициран во 1945 година, дека тој се заснова на дијалектите кои биле распространети на територијата на денешна Македонија и дека државата нема да прифати да разговара за поинакво решение за македонскиот јазик од тоа наведено во Преговарачката рамка.
Еве ја оваа изјава во целост:
„Како што е прoпишано во Уставот на Република Северна Македонија, македонскиот јазик и неговото кирилско писмо е службен јазик на Република Северна Македонија на целата територија на државата и во нејзините меѓународни односи.
Литературниот македонски јазик е кодифициран во 1945 година. Согласно сознанијата утврдени со акти, широко прифатените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика и лингвистичката наука, македонскиот јазик има свој јазичен, просторен и временски континуитет. Овој континуитет се заснова на специфичниот развој на дијалектите што се во неговата основа и биле распространети на територијата на денешна Република Северна Македонија. Македонскиот јазик се определува како словенски јазик, кој се наоѓа во јужнословенската група јазици, кој низ вековите растел, се развивал и се издигнал во наддијалектен, национален стандарден јазик на македонскиот народ.
Македонскиот јазик беше признаен од Третата Конференција на ОН за стандардизација на географските имиња, одржана во Атина во 1977 година.
Македонскиот јазик се изучува на многу катедри за славистика и лекторати на факултети и универзитети низ Европа и светот. Неговата долга говорна и писмена традиција е неоспорен факт во лингвистичката наука. Литературата напишана на македонски јазик е добитник на меѓународни награди и признанија.
При склучувањето на какви било договори, спогодби и документи на Република Северна Македонија со Европската унија кои содржат јазична одредба со поименично наведување на сите официјални јазици на ЕУ, како што е договорот за соработка со Фронтекс, истите треба да се потпишат со поименично наведување на македонскиот јазик без какви било објаснувања, додавки или фусноти.
Во текот на преговорите за пристапување сѐ до нивното завршување со склучување на Договор за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ и по приемот во полноправно членство во ЕУ, Северна Македонија нема да прифати да разговара за поинакво решение за македонскиот јазик од тоа наведено во Преговарачката рамка. Со приемот на Северна Македонија во полноправно членство во ЕУ, македонскиот јазик треба да стане еден од службените јазици на ЕУ“.
Бугарија вчера, истот така, достави своја унилатерална изјава за македонскиот јазик, што беше дел од договорот подготвен од француското претседателство за кревање на ветото. Овие две изјави се забележуваат само записнички и немаат влијание врз преговорите.
Во бугарската изјава се вели дека „бугарскиот литературен јазик има шест регионални писмени норми (кодификации). Три од нив се засновани на дијалекти, а три на литературен бугарски јазик. Создавањето на ‘македонскиот јазик’ во 1944-1945 година во поранешна Југославија беше чин на секундарна кодификација (ре-кодификација) врз основа на бугарскиот литературен јазик, дополнително ‘збогатен’ со локални форми, со што се симулираше ‘природен’ процес заснован на дијалектна форма“. Во декларацијата на бугарското МНР се вели дека Софија и натаму не го признава македонскиот јазик.