Македонија и Србија ќе прават брза железница на Коридорот 10
Двете земји заеднички ќе настапуваат пред европските партнери и финансиските институции за обезбедување средства за овој голем инфраструктурен капацитет

Премиерите на Македонија и на Србија, Димитар Ковачевски и Ана Брнабиќ, денеска најавија модернизација на железничката пруга долж Коридорот 10. Ковачевски истакна дека мора да се инвестира во железничката инфраструктура на Коридорот 10 заради зголемување на капацитетот и зголемување на брзините на транспорт, додека Брнабиќ потенцира дека еден од следните приоритети на српската влада е брза железница од Белград до границата со Северна Македонија.
„Во однос на железничката пруга која што се гради во Србија премиерката ме информираше за плановите, а во исто време и јас неа ја информирав за нашите планови на изградбата на инфраструктурата. Ние имаме отпочнување на еден голем инвестициски циклус во Северна Македонија особено изградбата на Коридор 8, патната и железничката инфраструктура со оглед на тоа што Коридорот 10 што нѐ поврзува со Србија и со Грција е комплетно изграден во делот на автопатското решение“, рече Ковачевски.
Затоа кога разговараме со нашите европски партнери, посебно со ЕУ, со мултилатералните финансиски институции и кога разговараме за регионална соработка помеѓу двете земји, според премиерот, еден од приоритетите треба да ни биде и ќе ни биде заеднички настап во обезбедување на финансиски средства за модернизирање на железничката инфраструктура на Коридорот 10.
Српската премиерка Брнабиќ рече дека инфраструктурното поврзување и изградбата на патишта и пругите за што подобро поврзување на регионот е еден од основните столбови на регионалната соработка и поврзување.
Брнабиќ рече дека следен приоритет на српската влада е брза пруга, односно комплетна модернизација на железницата на Коридорот 10, односно пругата од Белград до границата со Македонија.
Премиерите Ковачевски и Брнабиќ денеска во Скопје учествуваа на Регионалниот самит Македонија 2025, а имаа и билатерална средба.