Македонија и Србија ќе имаат заедничка железничка станица во Табановце


 

Српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ најави заедничка товарна железничка станица на Србија и Македонија во Табановце, јави дописиникот на МИА од Белград.

„Ќе имаме заедничка товарна железничка станица, така што возовите повеќе нема да застануваат на граница, туку прегледот ќе се врши во Табановце. Кон средината на мај во Биело Поле ќе отвориме заедничка железничка станица со Црна Гора, па возовите повеќе нема да застанува на граница туку во Биело Поле каде ќе имаме царина и полиција, и српска и црногорска, и сѐ ќе биде на едно место, изјави Весиќ за белградски Јуроњуз.

Тој додаде дека вакво нешто Србија ќе има и со Унгарија, во Сегедин.

Весиќ изјави и дека брзата пруга меѓу Белград и Будимпешта ќе биде завршена во 2025 година и додаде дека срспскиот дел од пругата ќе буде завршен до 2024 година.

Меѓу другото, тој изјави и дека очекува од јули Србија да има интегрирана наплата на патарина со Македонија, а наскоро и со Хрватска.

„Тоа значи дека, доколку користите електронска наплата на патарина, ќе треба таг уредот да го врзете со платежна картичка и ќе можете целосно слободно да поминувате низ Македонија со српски таг што ќе работи на секоја патарина, а патарината ќе се наплаќа од платежната картичка и нема да има повеќе застанување“, објасни Весиќ и додаде дека оние кои имаат таг од Македонија ќе можат да патуваат низ Србија на ист начин.

Минатата недела, Весиќ и министерот за градежништво и транспорт на Унгарија, Лазар Јанош, изјавија дека ќе испратат заедничка покана до министрите за транспорт на Македонија, Албанија, Бугарија, Грција и Турција да дојдат во Белград за да разговараат за развојот на брзите железници во регионот, која прво ќе се изгради од Белград до Будимпешта, а подоцна и до македонската граница.