Македонија и Франција ја продлабочуваат соработката во културата и туризмот
Државниот секретар во Министерството за култура и туризам, Марија С. Ѓоргова, вчера, во пријатна и конструктивна атмосфера, оствари средба со Грегоар Жислер, директор на Францускиот културен институт во Скопје.
На средбата, Ѓоргова и Жислер ги потврдија досегашната одлична соработка и традиционално пријателските односи меѓу двете земји, како и заедничката подготвеност за нивно натамошно продлабочување.
Во фокус на разговорот беа идните активности и иницијативи во областа на културата и туризмот, при што беше потврдено и претстојното потпишување Меморандум за соработка, чиј текст е веќе усогласен, меѓу Министерството за култура и туризам и Амбасадата на Француската Република во Скопје.
Меморандумот предвидува унапредување на билатералната соработка преку реализација на заеднички проекти, размена на уметници и експерти, соработка меѓу институции, поддршка во заштитата и промоцијата на културното наследство, како и промоција на туристичките потенцијали на двете држави.
Соговорниците изразија уверување дека оваа соработка ќе придонесе за уште посилно поврзување меѓу институциите, уметниците и културните работници, отворајќи нови можности за заеднички проекти, културна размена и афирмација на културните вредности на двете пријателски земји.