Македонија го ратификуваше протоколот за членство во НАТО


Со постапка невообичаена за зовриената македонска политика, Собранието денеска едногласно го ратификуваше протоколот за членство во НАТО пред да се распушти во наредните денови. За ратификацијата гласаа 114 пратеници и со тоа заврши македонскиот пат за членството во Алијансата, а сега уште Шпанија треба да го ратификува протоколот и Македонија целосно да ја заврши целата процедура.

Пред пратениците и гостите прв се обрати претседателот на државата, Стево Пендаровски, кој нагласи дека со овој чекор државата е пред самиот крај на повеќедецениската определба на сите политички елити за членство во Северноатлатската алијанса. Пендаровски нагласи дека членството во НАТО немаше да се случи доколку не беа компромисните договори со Грција и Бугарија. Пендаровски уште нагласи дека државата сега има многу поголема одговорност за зачувување на мирот и стабилноста во Европа, а и пошироко. Врховниот командант најави дека Македонија ќе направи сѐ да го исполни барањето за издвојување на два отсто од БДП за Алијансата.

По Пендаровски зборуваше техничкиот премиер Оливер Спасовски, кој спомена дека без храбрите договори со Грција и Бугарија (за што особено го пофали Зоран Заев) не ќе можеше да стигнеме до овој момент.

Понатаму зборуваа координатори на пратенички групи, партиски претставници (меѓу кои и Али Ахмети), а последен се обрати претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Откако 114 пратеници гласаа за ратификација во Собранието се обрати в.д. претседателот на Парламентарното собрание на НАТО, Атила Местерхази.

Меѓу повиканите гости беа лидерите на сите политички партии, претседателите на највисоките судски институции, членови на дипломатскиот кор, потоа високи претставници од парламентите на повеќе земји од регионот и висок претставник на НАТО.