Македонија го поддржува дијалогот Белград – Приштина, му кажал Пендаровски на Лајчак


Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими специјалниот претставник на Европската Унија за Западен Балкан и дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак, кој престојува во посета на Република Северна Македонија.

На средбата се разговараше за најновиот развој на настаните во регионот на Западен Балкан, за состојбите во Косово и очекувањата од дијалогот Белград-Приштина, за влијанието на руската инвазија врз Украина и неопходноста од одржување на регионалната стабилност.

Претседателот Пендаровски истакна дека Северна Македонија, како и досега, активно ќе придонесува за унапредување на регионалната соработка со цел обезбедување на мирот, стабилноста и напредокот на регионот.

Во таа насока, претседателот истакна дека нашата држава го поддржува дијалогот Белград – Приштина за изнаоѓање сеопфатно решение и нормализирање на односите меѓу двете земји со посредство на ЕУ и САД, потенцирајќи дека мирното решавање на отворените прашања на Западниот Балкан треба да биде апсолутен императив за сите.

На средбата беше разговарано и за актуелните политички состојби во Северна Македонија, при што беше потенцирана важноста од обезбедување на конструктивен политички дијалог и целосна имплементација на реформските процеси во клучните области. Претседателот Пендаровски истакна дека Северна Македонија останува максимално посветена на процесот на пристапните преговори за членство во Европската Унија и го поздрави денешниот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација.