Македонија гласа за песна за Евросонг во мај во Торино (видео)

Синоќа, во емисијата „Стисни плеј“ на МТВ , македонската јавност конечно имаше можност да ги слушне шесте песни кои се во трка  за претставник на Македонија на вровизија 2022 во Торино, Италија


Гласањето се одржува онлајн, а трае до 4 февруари, 2022. Ова се песните кои се натпреваруваат:

Ris Flower

„Ris Flower“ е единствениот артист од Македонија кој е застапен на „Vevo“ платформата. Дебитираше со „Translucent” во 2020-та година, а во летото во 2021-ва беше актуелен со проектот Live Power Sessions, a кон крајот на истата година го објави и видеото за Hearts so cold. Ris Flower е комплетен автор на својата музика, а за нејзино усовршување работи во најреномираното студио „Ари“ во Истанбул, Турција и тоа со музичари кои работат со светски познати имиња како Таркан, Сертeб Еренер, Мустафа Сандал и многу други. Ris Flower на издавање на својата музика работи со професионални издавачки куќи од Турција и Британија, задолжени за дигитална дистрибуција на преку 160 музички платформи.

Ris Flower – “Flying to Berlin”

Музика и текст: Ris Flower
Аранжман: Mustafa Canbazlar

Kaly

Kaly важи за една од најразноличните вокални интепретаторки во земјата. Во 2006та, како што вели, го доживеала своето музичко „огнено крштевање“ со составот Стил Темпл и тоа како предгрупа на култните Whitesnake. На сцената е присутна повеќе од 15 години, а во нејзиното музичко портфолио ќе најдете кавер и авторски проекти од безброј музички правци – од класика, џез, етно до фанк, поп и рок – од акапела состави до филхармониски концерти. Посебно значење му дава на проектот Kaly’s Music challenge – концептуални музички видеа во домашни услови, со единствена цел обединување на музичарите и создавање музика.

Kaly – “Love and Light”

Музика: Давор Јордановски
Текст: Весна Малинова
Аранжман: Никола Васков – Нино, Давор Јордановски, Петар Лукиќ

Lara

Лара за прв пат и се претстави на македонската публика на Макфест 2019та година, кога имаше само 16години, со темата „Кој те учи така“ и остави силен впечаток со својата изведба во живо. Оттогаш разви исклучителна динамика и континуитет во кариерата, па така денес има 8 синглови со видео запис зад себе, а за дел од нив има и препев на англиски јазик. „Некогаш ќе помине“, „Осамена“, „Кој е сега крив“ се само дел од нејзините хитови. На последното издание на Макфест 2021ва година, сосема заслужено, доби награда за најдобра вокална интерпретација.

Lara – “Flower of Sorrow”

Музика: Роберт Билбилов
Текст: Робин Зимбаков
Аранжман: Роберт Билбилов, Дарко Димитров

Yon Idy

„Yon Idy“ честопати во јавноста го опишуваат како „странецот од Македонија“ затоа што неговиот музички стил и продукција се многу блиски до најактуелните инди поп артисти од западната сцена. Неговиот деби сингл “Gentle” во 2019та година се искачува на 12то место на топ листите во Албанија, а “Back around” во 2020та година убедливо најмногу допира до македонската публика и радио станиците. Покрај регионалниот успех, Yon Idy се слуша на радио станиците низ повеќе европски земји како Британија, Швајцарија, Германија, Грција, Хрватска, а дури и во САД. За една од неговите песни познатиот европски музички портал Sounds European вели дека е „без сомнеж најдобрата песна од Македонија“.

Yon Idy – “Dreams”

Музика и текст: Yon Idy
Аранжман: Анѓел Ќосев и Yon Idy

Andrea

„Andrea“ e артист и автор од Скопје, чијашто музика за само десет месеци е стримувана повеќе од девет милиони пати на платформата Тик Ток и 2.2 милиони пати на YouTube. Македонската публика ја освои со нејзиното првенче “I know”, а денес веќе ја препознава и Европа. Песните на Андреа се вртат на повеќе до 200 радио станици во 40 земји, вклучувајќи ги САД, Англија, Канада, Германија, Франција и Италија. По големиот успех на нејзините први две песни, Андреа сними сет од 3 песни со светски познатиот оркестар  FAME’s.

Andrea – “Circles”

Музика: Александар Масевски
Текст: Александар Масевски и Andrea
Аранжман: Александар Масевски

Viktor Apostolovski

Viktor Apostolovski е пејач/автор/мулти-инструменталист од Битола, Македонија кого публиката го запозна во 2011та година како натпреварувач во талент-шоуто Македонски Идол. Во последните десет години има издадено над 50 песни, два албуми на македонски јазик и еден албум со колеги од САД, како и безброј настапи и соработки низ светот. Неговата деби песна “You were mine” во 2011та се пласираше во топ 20 на MTV Adria, во 2020та доби награда на Макфест за најдобар сценски настап, а последна песна “Mine” беше второнаградена на меѓународен натпревар за музика и продукција.

Viktor Apostolovski – “Superman”

Музика: Владимир Дојчиновски
Текст: Владимир Дојчиновски и Viktor Apostolovski
Аранжман: Владимир Дојчиновски