Македонија ги доби противниците во квалификациите за Евробаскетот


Италија, Русија и Естонија. Тоа се ривалите на Северна Македонија во Групата Б за престојните квалификации за Евробаскетот 2021. година, каде домаќини ќе бидат Италија, Чешка, Германија и Грузија.

Во новите квалификации за Европското кошаркарско првенство се извлечени осум групи со по четири учесници. Нашата репрезентација се најде во иста група со еден домаќините Италија. „Азурите“ како организатори ќе имаат обезбедено место на Евробаскетот, а за преостанатите две места ќе се борат три репрезентации, односно Русија, Естонија и Северна Македонија.

Трите најдобропласирани репрезентации од секоја група, со исклучок на оние каде се сместени домаќините, обезбедуваат пласман во групната фаза од континенталниот шампионат. Првиот квалификациски прозорец е на програмата од 17 до 25 февруари 2020. година, вториот е од 23. ноември до 1. декември истата година, а последниот од 15 до 23 февруари 2021 година.

Нашата репрезентација првиот натпревар го игра на 20. или 21. февруари идната година против Естонија на домашен терен. Три една подоцна и гостуваме на Русија. На 26. или 27. ноември 2020 година ќе играме против Италија на гостински терен, а три дена подоцна гостуваме кај Естонија. Последните два натпревари од квалификациите ги играме на домашен терен и тоа најпрво против Русија на 18. или 19. февруари 2021. година, а на 21/22 февруари ја пречекуваме Италија.

Сите квалификациски групи за Евробаскетот 2021. година:

Група А: Шпанија, Полска, Израел, претквалификант
Група Б: Русија, Италија, Македонија, Естонија,
Група Ц: Литванија, Чешка, Белгија, претквалификант
Група Д: Хрватска, Турција, Холандија, Шведска
Група Е: Србија, Финска, Грузија, претквалификант
Група Ф: Словенија, Украина, Унгарија, Австрија,
Група Г: Франција, Германија, Црна Гора, претквалификант
Група Х: Грција, Летонија, БиХ, Бугарија.

Што се однесува до нашата женска кошаркарска репрезентација, таа ќе се соочи со Германија, Летонија и Хрватска во квалификациите за Евробаскетот 2021. година. Квалификациите кај дамите започнуваат во ноември годинава кога нашите кошаркарки ќе гостуваат кај Германија на 14. ноември. На 17. ноември ја пречекуваме Летонија. Квалификациите продолжуваат во ноември 2020 година кога на 12-ти гостуваме кај Хрватска, а три дена подоцна ја пречекуваме Германија.

На 4. февруари 2021. година гостуваме кај Летонија, а три дена подоцна во последното коло ја пречекуваме Хрватска.