Македонија едвај ја совлада Турција и се пласираше на ЕП 2020


Македонската ракометна репрезентација успеа да дојде до победа на гостински терен кај Турција потешко од очекувањата со 26:25 во рамките на петтото коло од квалификациите.

Избраниците на Данило Брестовац ја забележаа и втората победа во квалификациите против Турција, па во мечот со Грција ќе игра за првото место во групата в недела.

Македонската репрезентација беше далеку подобар противник и играше одлично во првата половина од првото полувреме. Нашите ракометари успеаја да направат голгетерска серија и да дојдат до висока предност од 8:4, но набрзо сето тоа се сврте во полза на турските ракометари кои заиграа фантастично носени од домашната публика направија пресврт и дојдоа и до два гола предност, со што на полувреме се замина со 13:11 во корист на домаќините.

Турција успеваше да ја одржува предноста од два гола, а голманот на домаќините Озмосул беше неверојатен на голот. Но, нашите репрезентативци заиграа многу подобро во одбраната, ги спречуваа турските ракометари да доаѓаат до погодок, а тоа резултираше со израмнување на резултатот, по што се влезе во неизвесна завршница, но Лазаров, Кузмановски и Талески со своите голови ја одржуваа предноста од еден гол и на крајот ја обезбедија победата, иако Турција на крајот имаше и напад за израмнување, но Никола Митревски со осмата интервенција спречи поделба на бодовите.

Лазаров беше најефикасен во нашите редови со седум погодоци, Талески додаде пет, а крилата Георгиевски и Маџовски имаа по четири гола.