Македонија е усогласена со европскиот план за диверзификација кон обновливи извори


Енергетската криза и реформите што државата ги презема во делот на енергетиката беа во фокусот на средбата што вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи ја имаше со новиот директор на Секретаријатот на Енергетската заедница Артур Лорковски, кој на оваа функција е поставен пред околу шест месеци.

Од Кабинетот на вицепремиерот информираа дека тој посочил оти на денешната владина седница ќе биде усвоен Планот за енергија и клима, а дополнително за околу две недели Министерството за економија ќе ги достави измените на Законот за енергетика на усвојување на седница на Влада, за потоа тие да бидат ставени во собраниска процедура.

Директорот на Енергетската заедница соопштил дека Европската Комисија работи на поставување на цели за обновливи извори, енергетска ефикасност и намалување на стакленичките гасови за 2030 година за земјите членки на Енергетска заедница, во согласност со Планот за декарбонизација усвоен од Министерскиот совет на Енергетска заедница во 2021 година.

Главен приоритет на Енергетската заедница во моментов, како што посочил Лорковски, е основање и ставање во функција на регионален пазар на електрична енергија како едно од клучните решенија кои ќе обезбедат стабилно снабдување со електрична енергија на целиот балкански регион и кое ќе допринесе кон постабилни цени на електричната енергија и подобро планирање на искористеноста на енергетските капацитети и интерконектори.

Вицепремиерот Битиќи истакнал дека имајќи ги предвид случувањата во последните две години, станува се појасно оти постигнувањето на таргетите зададени со Парискиот договор за транзиција од употреба на фосилни горива кон обновливи извори, е предизвик за сите земји и дека дел од нив ќе мора да претрпат одредени временски поместувања, но дека Северна Македонија останува посветена на оваа агенда.

Битиќи се осврнал и на реализацијата на големите енергетски проекти како што се хидроелектраната Чебрен, АКУО енерџи како агриволтаична централа и ветерниот парк на германската ВПД.

Директорот на ЕЕЗ оценил дека тоа се охрабрувачки сигнали за Северна Македонија каде после подолго време се случува изградба на поголеми производствени енергетски капацитети кои ќе може истовремено да се користат и за балансирање на системот.

Вицепремиерот Битиќи го информирал директорот на ЕЕЗ и за досега преземените активности на Северна Македонија за нејзино учество во изградбата на гасниот терминал Александропули, закупувањето капацитет, изградбата на гасната централа, како и интерконекторот со Грција кој на среден рок ќе гарантира диверзификација на изворите за снабдување со гас. Битиќи потенцирал дека интерконекторот ќе биде изграден со најнапредна технологија со која ќе може да биде пренаменет за транспорт на хидроген, кој се смета за енергенс на иднината.